Американскиот претседател Доналд Трамп оствари телефонски разговор со својот украински колега Володимир Зеленски, по масовните руски напади врз енергетската мрежа на Украина.
„Го информирав претседателот Трамп за нападите на Русија врз нашиот енергетски систем – и ја ценам неговата подготвеност да нè поддржи“, рече Зеленски, опишувајќи ја дискусијата како „многу позитивна и продуктивна“.
За време на повикот, Зеленски го пофали и Трамп за неговите напори за мир на Блискиот Исток, откако САД посредуваа во прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа.
„Ако може да се запре војна во еден регион, тогаш сигурно можат да се запрат и други војни, вклучително и руската војна“, рече Зеленски, повикувајќи ја Москва да се вклучи во „вистинска дипломатија“.
Инаку, Трамп постојано ветуваше дека ќе посредува во брз мировен договор меѓу Киев и Москва, но напорите во голема мера се заглавени бидејќи Русија продолжува да го отфрла прекинот на огнот и ги ескалира нападите врз Украина.
Денот пред разговорот со Трамп, Зеленски оствари телефонски разговори со европските лидери, вклучувајќи го германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер и финскиот претседател Александар Стаб.