Зеленски бара 200.000 европски војници! Украинскиот претседател во Давос го објави условот за мир со Русија – „Тоа е минимум за мир на фронтот“ (ФОТО, ВИДЕО)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Светскиот економски форум во Давос изјави дека „ќе бидат потребни најмалку 200.000 европски војници да служат како мировници на источниот фронт во Украина за да може да се спроведе мировниот договор“.

– Од сите Европејци? 200.000 е минимум. Тоа е минимумот, инаку не е ништо – рече Зеленски на панел на собир во Швајцарија.

Киев Индипендент наведува дека коментарите на Зеленски уследиле по ветувањето на американскиот претседател Доналд Трамп дека брзо ќе успее да преговара за крај на војната меѓу Русија и Украина.

Се наведува дека иако деталите за планот на Трамп сè уште не се објавени во јавноста, се претпоставува дека за тоа ќе биде потребно присуство на европски мировни трупи во Украина.

– Трамп, кој претходно истакна дека прво мора да се консултира со рускиот претседател Владимир Путин, активно работи на организирање средба со Украина – рече Зеленски.

За време на своето обраќање во Давос, тој ја истакна нерамнотежата во воените капацитети на неговата земја и Русија, наведувајќи дека Москва може да распореди 1,5 милиони војници во споредба со 800.000 украински и 200.000 Французи.

Зеленски го отфрли барањето на Русија до Киев за намалување на украинската армија како услов за постигнување мировен договор.

Украинските медиуми јавуваат дека Трамп досега има дадено неколку детали за неговите планови за завршување на војната.

Се потсетува дека неговиот тим посочи дека новата администрација во Белата куќа ќе се обиде да ја зачува независноста на Украина, иако Марко Рубио, новоизбраниот државен секретар на САД, рече дека и Киев и Москва ќе мора да се согласат на отстапки со цел да се постигне мировен договор.

За време на неговиот говор во Давос, Зеленски, исто така, ги повика европските нации да се обединат против руската агресија, предупредувајќи дека борбите во рускиот пограничен регион Курск во кој учествуваат севернокорејски војници сега се географски поблиску до швајцарското зимско одморалиште отколку Пјонгјанг.

– Европа мора да се наметне како силен глобален играч – рече Зеленски и додаде дека иако САД се сè уште незаменлив сојузник, Вашингтон се сомнева во способноста на Европа конкретно да придонесе за глобалната безбедност.

Зеленски разговараше со бројни европски лидери во врска со можноста за воспоставување мировна мисија, што е иницијатива промовирана од францускиот претседател Емануел Макрон.

За време на неговата посета на Киев на 16 јануари, кога Русите започнаа напад со беспилотно летало врз градот, британскиот премиер Кир Стармер рече дека неговата земја ќе одигра „целосна улога“ во поддршката на напорите за одржување на постојан прекин на огнот во Украина.