Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина се надева дека ќе добие околу три милиони артилериски гранати од своите сојузници оваа година, вклучувајќи 1,8 милиони од програма предводена од Чешка.
За време на состанокот со чешкиот претседател и поранешен генерал на НАТО Петр Павел, Зеленски, исто така, рече дека се во тек разговори за украинско-чешко училиште за обука на пилоти на борбени авиони Ф16, објави Телеграф.
„Секако, од безбедносни причини, во овој момент не можеме да отвориме таква база во Украина. Руските напади продолжуваат секој ден и затоа работиме со нашите партнери за да обезбедиме отворање на вакви училишта надвор од Украина и тоа ќе се случи“, објасни Зеленски.
За време на состанокот, тој го повтори својот повик за 30-дневна пауза во непријателствата, како што првично предложија САД, и рече дека верува оти е можно прекин на огнот со Русија.
„Денес е 54-тиот ден откако Русија го игнорира американскиот предлог за целосно прекин на огнот. Веруваме дека прекинот на огнот е можен во секое време, дури и од денес, и дека треба да трае најмалку 30 дена за да ѝ се даде вистинска шанса на дипломатијата. И сум благодарен на Чешката Република за поддршката на нашиот став за овој предлог“, рече Зеленски.
Неговата посета на чешката престолнина доаѓа во време кога Русија најави 72-часовен прекин на огнот следната недела по повод Денот на победата во Втората светска војна.
Во меѓувреме, кинескиот лидер Си Џинпинг ќе престојува во официјална посета на Русија од 7 до 10 мај, потврди Кремљ во неделата, за да разговара за „понатамошен развој на сеопфатни партнерски односи и стратешка интеракција“ и „прашања на меѓународната и регионалната агенда“.