Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека ја поддржува иницијативата на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган да се сретне со претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, во Турција.
Зеленски на прес-конференција изјави дека без таков состанок нема да има прекин на огнот, пренесува „Укринформ“.
„Ја поддржувам средбата на лидерско ниво бидејќи имам впечаток дека нема да има прекин на огнот пред нашата средба“, рече Зеленски.
Белата куќа претходно денес соопшти дека Трамп е отворен за покана од турскиот претседател Ердоган за одржување трилатерални мировни разговори во Турција со руските и украинските лидери.
Ердоган претходно изјави дека Турција ќе преземе чекори за организирање средба меѓу Путин и Зеленски во Анкара или Истанбул, додавајќи дека ќе го покани и американскиот претседател на средбата.
По денешната рунда преговори во Истанбул, шефот на украинската делегација, министерот за одбрана Рустем Умеров, изјави дека Киев верува оти сите клучни прашања во преговорите за потенцијално примирје со Русија можат да се решат на ниво на лидерите на земјата и предлага таква средба да се одржи до крајот на месецот.
Да потсетиме дека украинскиот претседател, по завршувањето на рундата преговори, ги нарече членовите на руската делегација во Истанбул идиоти затоа што предложија краткотраен прекин на огнот заради размена на телата на загинатите.
Според Зеленски, поентата на прекинот на огнот е да се спречат повеќе смртни случаи, а не размена на тела за време на прекинот на огнот.