– Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, денес го повтори повикот на Украина за формирање меѓународен трибунал за судско гонење на руските претставници инволвирани во војната во Украина.
„Кога постои традиција на неизбежно казнување на агресијата, тогаш ќе има традиција и на гарантирано неповторување на агресијата. Ако сакаме вистинска правда, не треба да бараме изговори, и не треба да се повикуваме на недостатоците на постоечкото меѓународно право, туку да се донесат храбри одлуки што ќе ги коригираат недостатоците на оние норми кои за жал, постојат во меѓународното право“, рече Зеленски во говорот во Хаг.
Украинскиот претседател порача дека траен мир ќе се постигне со моќта на вредностите како слободата и правото, кои мора да функционираат во целост со цел да се обезбеди правда“ и говореше против „хибридните ветувања“, „хибридниот мир“ и „симболичните формалности“.
Тој истакна дека „специјалната воена операција“ на Русија против Украина е главното злосторство за кое треба да се положи сметка и нагласи дека тоа може да се постигне само преку постоечки трибунал.
Укажувајќи на Нирнбершкиот процес против нацистичките службеници во 1945 година, по Втората светска војна, како сличен пример, Зеленски рече: „Агресорот мора да се плаши од целосната моќ на правдата… Ова е наша историска одговорност… да ја направиме неизбежна целосната казна за агресијата, да се спречи агресијата врз нашата земја, а исто така и нови војни“, порача Зеленски и додаде дека во светот има „потенцијални агресори“.
„Украинците ги губат своите животи во војна што не ја сакаа“, рече тој, и посочи дека имаат намера да ја направат последна таква војна што некоја земја ќе ја води.
Тој во говорот ѝ се заблагодари на Холандија за воената поддршка на Украина.
„Победата во војната се добива со силата на оружјето. Така се завршува работата. И јас сум ви благодарен вам и на Холандија за секое парче оружје доставено на Украина. За сè што ни помага да ја одржиме нашата одбрана и постепено да ги подготвуваме нашите активни потези“, рече тој.
Зеленски пристигна во Холандија претходно во текот на денот, каде треба да одржи трилатерална средба со холандскиот премиер Марк Руте и белгискиот колега Александар де Кро.