Украинскиот претседател Володимир Зеленски коментираше за хипотетичка ситуација во која руската армија ќе ја нападне канцеларијата на претседателот на Украина.
Зеленски рече дека ќе се бори до крај и дека нема да дозволи да биде заробен.
„Знам да пукам. Можете ли да го замислите насловот „Русите го фатија украинскиот претседател“? Тоа би било срамно“, изјави Зеленски за телевизијата 1+1.
Тој ја коментираше ситуацијата во првите денови по инвазијата на 24 февруари минатата година, кога руските разузнавачи се обидоа да упаднат во Киев, но не успеаја да стигнат до претседателската канцеларија.
„Да упаднаа, сега немаше да разговараме. Никој не беше фатен затоа што ќе се бореа до крај. До последно“, рече Зеленски.
На прашањето дали има пиштол и дали вежбал со него, тој одговори потврдно.
Во своето редовно обраќање до јавноста вчеравечер тој ги обвини руските војници дека се виновни за воени злосторства исто како и нивното раководство.