Зеленски го смени шефот на личното обезбедување: Нов голем шок во Украина по неуспешниот обид за атентат на шефот на државата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши шефот на неговото лично обезбедување Сергеј Руд неколку дена откако наводно бил спречен обид за атентат врз него!

Генерал-мајор Руд (47) е на чело на безбедносните единици на украинскиот претседател од 2019 година. Засега не е наведено зошто Руд добил отказ.

Засега нема конкретни докази за учество на Руд во наводниот обид за атентат, но, според украинските медиуми, утврдено е дека еден од двајцата осомничени за планирање на ликвидацијата на Зеленски, полковникот Андриј Хук, е негов близок пријател.

Друг осомничен е полковникот Дмитро Перлин, кој е обвинет за регрутирање кртови уште пред Русија да ја нападне Украина. Офицерот на ФСБ, Алексеј Корнијев, наводно одржувал контакт со еден од осомничените полковници и според извештаите на медиумите тие се сретнале во други европски земји. Еден од обвинетите по распитот потврди дека добил неколку илјади долари во пакети или индиректно преку роднини, но не е јасно дали зборувал под закана.

Двајцата полковници беа обвинети дека во претседателското обезбедување барале луѓе кои биле подготвени да го убијат Зеленски.

Медиумите јавуваат дека намерата на заговорниците била да го киднапираат и убијат Зеленски, додека шефот на воената разузнавачка служба Кирило Буданов и шефот на разузнавачката служба СБУ Василиј Маљук ќе бидат ликвидирани со ракети или беспилотни летала откако ќе добијат информации за нивната локација. СБУ наведува дека еден од полковниците веќе купил беспилотни летала и противпешадиски мини.

Украинските служби и канцеларијата на Зеленски тврдат дека шефот на државата бил честа мета на напади од почетокот на војната, но досега немало такви екстремни подготовки за ликвидација.

Атентатот требаше да се случи во пресрет на православниот Велигден и да биде подарок за рускиот претседател Владимир Путин за неговата инаугурација.