Зеленски е подготвен за размена на територии со Русија, ама не знае кои

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да „размени територии“ со Русија, како дел од можните мировни преговори под покровителство на Соединетите Американски Држави (САД).

Доколку американскиот претседател Доналд Трамп успее да ги доведе Украина и Русија на преговарачка маса, „ќе размениме територии“, рече Зеленски синоќа во интервју за британскиот весник „Гардијан“ и додаде дека не знае која територија ќе ја побара Киев за возврат.

„Не знам, ќе видиме, но сите наши територии се важни, нема приоритети“, рече Зеленски.

Тој додаде дека може да размени дел од рускиот пограничен регион Курск, кој беше заземен од украинската армија пред шест месеци, со рускиот претседател Владимир Путин.

Зеленски, исто така, посочи дека без САД, само со Европа, „безбедносните гаранции не се вистински безбедносни гаранции“.

Тој додаде дека САД ќе имаат приоритетен пристап до стратешките минерални суровини на неговата земја.

„Оние кои ни помагаат да ја спасиме Украина ќе имаат можност да ја обноват, со нивните компании и украински компании. Подготвени сме да разговараме за сите овие работи во детали“, рече Зеленски.