Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека новите санкции наметнати на Москва од Европската унија „навистина ќе ја намалат“ економската база на Русија за војна против неговата земја.
ЕУ денеска го одобри 12-тиот пакет санкции против Русија, кој главно ја вклучува забраната за увоз на руски дијаманти во Европската унија, пренесува Телеграф.
Земјите од ЕУ го потврдија тој пакет во петокот, на маргините на европскиот самит, но тој не можеше да биде одобрен поради резервациите на Австрија, кои во меѓувреме беа укинати.
Тоа е 12-ти пакет од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, а претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен рече дека Унијата продолжува да ја поддржува Украина.
„Сето ова навистина ќе помогне да се намали економската основа на војната“, рече Зеленски во својот говор.
„Ќе продолжиме да работиме со нашите партнери за да обезбедиме санкциите наметнати од Европа да функционираат на глобално ниво“, додаде тој.