Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека потпишал декрет за повлекување од Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиски мини.
Договорот од 1997 година, на кој се приклучија повеќе од 160 земји, забранува употреба, производство, складирање и трансфер на противпешадиски мини.
Целта е да се заштитат цивилите од експлозијата на овие мини по завршувањето на конфликтот, пишува Euronews , според Телеграф.
„Русија никогаш не била страна на оваа конвенција и користи противпешадиски мини на исклучително циничен начин“, рече Зеленски.
„Со преземањето на овој политички чекор, испраќаме сигнал до сите наши партнери за тоа каде треба да се фокусираат. Ова важи за сите земји долж периметарот на руските граници.“
Сепак, одлуката сè уште бара парламентарно одобрување, според високиот украински пратеник Роман Костенко.
Инаку, другите земји што граничат со Русија, вклучувајќи ги Финска, Полска и Естонија, или се повлекоа од Конвенцијата од Отава или изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.