Украина би можела да се согласи на прекин на борбите и формално да ѝ ги отстапи на Русија териториите што Москва веќе ги држи, како дел од мировниот план поддржан од европските земји, пишува британскиот печат.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски им порача на европските лидери дека мора да отфрлат каков било мировен договор што би можел да го предложи американскиот претседател Доналд Трамп, кој би вклучувал дополнително територијално повлекување на Украина. Сепак, тој нагласи дека Русија може да задржи дел од земјата што веќе ја окупирала, според британскиот весник „Телеграф“ .
Таквиот договор би значел замрзнување на сегашната фронтова линија и фактичко предавање на териториите под руска контрола во Луганск, Донецк, Запорожје, Херсонските области и Крим. Ова омекнување на преговарачката позиција доаѓа пред средбата меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, закажана за петок во Анкориџ, Алјаска.
– Планот може да се однесува само на позициите што моментално ги држат армиите – рече еден западен функционер, опишувајќи ги интензивните дипломатски контакти меѓу Киев и неговите сојузници во текот на изминатиот викенд.
Стравовите на Европа пред средбата меѓу Путин и Трамп
Во Киев и европските престолнини расте загриженоста дека Трамп и Путин би можеле да постигнат договор за прекин на војната без украинскиот претседател.
– Имам многу стравови, но и многу надежи – изјави во понеделник полскиот премиер Доналд Туск, додавајќи дека американските претставници ветиле дека ќе се консултираат со европските лидери пред директната средба на двајцата претседатели.
Најголемиот страв се однесува на наводниот мировен план поддржан од Москва, кој предвидува замрзнување на фронтовските линии во југоисточна Украина доколку Киев се согласи да се повлече од деловите од регионите Донецк и Луганск што сè уште ги контролира. Европските дипломати нагласуваат дека нема промена во стратешките цели на Кремљ – соборување на прозападната влада во Киев и инсталирање на проруски режим.
Според извештајот на Институтот за проучување на војната со седиште во Вашингтон, Русија продолжува да бара „целосна капитулација“ на Украина, вклучително и спречување на нејзиниот влез во НАТО и целосна демилитаризација.
Украина бара безбедносни гаранции
Зеленски во понеделник вечерта изјави дека не гледа знаци дека Русија се подготвува да ја заврши војната, и покрај претстојните разговори.
– Напротив, тие преместуваат војници и сили за да можат да започнат нови офанзиви – рече тој, осврнувајќи се на извештаите на украинската разузнавачка служба.
Според него, дури и да се согласи да отстапи дел од територијата, Украина ќе го потпише мировниот договор само ако тој вклучува цврсти безбедносни гаранции – пред сè, континуирана испорака на оружје и јасен пат кон членство во НАТО.