Зеленски: „Операцијата Курск може да стане важен дел од преговарачкиот процес“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека операцијата во регионот Курск може да стане важен дел од преговарачкиот процес.

„Утре се навршуваат точно шест месеци од операцијата во насока Курск. Многу важна операција. Ќе видите кога ќе постигнеме дипломатско решение за завршување на војната, какви услови ќе имаат Русите за Украина во однос на регионот Курск“, рече Зеленски по средбата со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, пренесува Укринформ.

Тој оцени дека украинската операција во Курск е „многу важен чекор“.

„Не сакам да фрлам зборови како „историски“. Борбата на Украина е секако историски пат и затоа нема да зборувам за оваа операција. Но, секако беше многу важна. И благодарен сум на сите војници кои ја бранат нашата територија, вклучително и благодарение на операцијата Курск“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека вооружените сили на Украина одржуваат стабилна ситуација таму и „ќе продолжат да го прават тоа“.

„Русите таму имаат многу тешки загуби. Севернокорејските војници бегаат, ние го гледаме тоа“, рече украинскиот претседател.

Како што наведе, неколку важни руски воени објекти во Курск биле погодени со оружје со долг дострел.

„И ова се многу сериозни чекори. Тие се важни. И мислам дека во блиска иднина нема да можат да не истуркаат од оваа територија. Оваа операција, како магнет, денес држи 60 илјади нивни војници во оваа насока“, рече Зеленски.

Тој нагласи дека операцијата во Курск овозможила стабилизирање на ситуацијата во регионот Харков. Операцијата Курск започна на 6 август 2024 година, кога имаше околу 11.000 руски војници, главно регрути, во регионот Курск.

Денеска околу 60.000 руски војници се концентрирани во областа Курск, а загубите за помалку од 6 месеци изнесуваат 38.000 убиени, ранети и заробени лица, наведува украинската агенција.