Зеленски: Планирам средба со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека планира да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот на НАТО во Хаг.

Во интервју за „Скај њуз“, кое беше емитувано денес, Зеленски рече дека нивните тимови работат на организациските детали и го одредуваат времето на состанокот.

Зеленски тврди дека Русија ќе биде подготвена со нова армија во рок од пет години и дека рускиот претседател Владимир Путин веројатно ќе нападне земја членка на НАТО во рок од неколку години „за да го тестира Членот пет“. 

Украинскиот претседател процени дека тензиите на Блискиот Исток би можеле да значат дека Украина ќе добие помала помош од партнерите, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, што значи дека „Русија ќе почувствува предност на бојното поле“. 

Зеленски рече дека САД и Русија „можеби се краткорочни партнери, но никогаш нема да бидат пријатели“ додека е на власт американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој посочи дека Путин ќе има подготвена нова армија за 10 години по укинувањето на санкциите.

Зеленски оцени дека војната во Иран не можела да се случи „во полошо време“.

„Одеднаш, вниманието на светот е насочено кон друг конфликт, и најважно, кон вниманието на најмоќниот човек на светот, Доналд Трамп “, рече Зеленски.

Тој рече дека санкциите против Русија не функционираат и дека некои земји, вклучително и Велика Британија, дозволуваат компоненти со двојна намена, што се користат во производството на беспилотни летала и ракети, да продолжат да завршуваат во „руски раце“.

Зеленски повтори дека нема да има преговори без прекин на огнот.