Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека, и покрај неговиот проблематичен однос со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, верува дека Белата куќа е сè уште повеќе „иритирана“ од рускиот претседател Владимир Путин отколку тој самиот.
„Можеби кажувам некои непријатни работи, но ја зборувам вистината. И го кажувам она што го мислам. И тој (Путин) понекогаш кажува многу убави работи, но тие работи се лаги. И мислам дека за интелигентните луѓе, оние што лажат се позагрижувачки“, рече Зеленски.
Тој оцени дека дијалог не може да се води со Путин, велејќи дека „ако мислите дека сте во дијалог, всушност сте сами“, пренесува Политико.
Зеленски рече дека смета оти Трамп и неговата администрација, кои бараат брз крај на непријателствата, сега сфатиле дека Путин не сака да ја заврши својата инвазија врз Украина на начинот на кој Белата куќа сака.
Зеленски, кој се судри со Трамп во Овалната соба на крајот на февруари, сè уште сака САД да воведат дополнителни санкции врз Русија, „бидејќи само засилувањето на притисокот може да ја натера Москва да размислува за мир“.
Вчера, во објава на мрежата X, Трамп рече дека Путин „си игра со оган“ и дека „многу лоши работи би се случиле“ со Русија доколку тој не беше претседател на Соединетите Американски Држави.