Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заблагодари на Република Македонија за приклучувањето кон декларацијата на Г-7 за поддршка на безбедносните гаранции на Украина.
„Благодарен сум на Република Македонија што се приклучи кон декларацијата на Г-7 за поддршка на безбедносните гаранции на Украина и стана 15-та земја што го стори тоа. Ги ценам личните напори на премиерот Димитар Ковачевски за зајакнување на партнерството меѓу нашите земји. “ напиша Зеленски на социјалната мрежа Екс (поранешен Твитер).
Земјите од Г7 на маргините на самитот на НАТО во Вилнус во јули објавија меѓународна рамка за долгорочни безбедносни гаранции за Украина со цел зајакнување на одбраната на земјата од Русија.
Г7 ја потврди својата посветеност на стратешката цел за слободна, независна, демократска и суверена Украина, во нејзините меѓународно признати граници.