Зеленски се огласи: „Време е војната да заврши“

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека разговарал со германскиот канцелар, Фридрих Мерц, нагласувајќи дека Киев и Берлин го делат ставот дека војната во Украина мора да заврши што е можно поскоро, со достоинствен и праведен мир.

„ Параметрите за завршување на оваа војна ќе го обликуваат безбедносниот пејзаж на Европа во наредните децении. Војната се одвива во Европа, Украина е составен дел од неа, а ние веќе сме во преговори за пристапување кон Европската Унија. Затоа, Европа мора да учествува во релевантните процеси “, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалната мрежа X.

Тој додаде дека за време на разговорите биле усогласени позициите на Украина и Германија, како и дека е договорено да се продолжи комуникацијата.

Зеленски најави дека денес ќе се одржи онлајн состанок на советниците за безбедност од Украина, Европа и Соединетите Американски Држави, со цел усогласување на заедничките ставови.

Според него, биле разгледани различни можни формати на состаноци на највисоко ниво, вклучувајќи две билатерални и една трилатерална, кои би можеле да придонесат за воспоставување мир.

„ Украина не се плаши од состаноци и очекува ист смел пристап од руска страна. Време е војната да заврши. Благодарен сум на сите што помагаат “, заклучи Зеленски.