Претседателот на Украина, Зеленски, го повика претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах, да воведе санкции кон руските спортисти на меѓународната сцена.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека најтешките судири со руската војска продолжуваат во градовите Бахмут и Вугледар во областа Доњецк.
Зеленски ѝ се обрати на нацијата преку видеопорака и информираше дека најжестоките судири во руско-украинската војна продолжуваат во областа Доњецк.
„Ситуацијата на фронтот, особено кај Бахмут и Вугледар во регионот Доњецк, и понатаму е исклучително тешка“, рече Зеленски.
Тој во оваа прилика ја обвини руската војска за уништување на цивилната инфраструктура на Украина.
„Окупаторот не само што ги напаѓа нашите позиции, туку намерно ги уништува градовите и селата околу нив“, истакна Зеленски.
Претседателот на Украина, Зеленски, синоќа му се обрати и на претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах, да воведе санкции кон руските спортисти на меѓународната сцена.
Потсети дека сѐ уште не е усвоена одлуката со која би им се забранило на руските спортисти да учествуваат на идните Олимписки игри.
„Невозможно е да не бидете разочарани од изјавите на сегашниот претседател на Меѓународниот олимписки одбор Томас Бах. Разговарав со него неколкупати. Никогаш не чув од него како ќе го заштити спортот од воената пропаганда доколку ги врати руските спортисти на меѓународните натпреварувања“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина рече и дека првиот човек на МОК, Бах, не би требало да остане неутрален во текот на војната.
„И патем, го повикувам господинот Бах во Бахмут. На тој начин ќе може со сопствени очи да види дека нема неутралност“, рече Зеленски.