Зеленски: Трамп ми рече… Мислеше дека може да го запре Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп му рекол оти планира да ја запре војната во Украина пред да постигне прекин на огнот на Блискиот Исток, но дека војната во Украина е „потешка и поголема“ отколку во Газа.

„Во телефонски разговор му честитав на Трамп за прекинот на огнот на Блискиот Исток , што е голем успех за него и за САД. Тој ми рече многу искрено дека мисли дека ќе може да го запре Путин пред да постигне прекин на огнот на Блискиот Исток“, рече Зеленски во интервју за „Фокс њуз“. 

Тој додаде дека се согласува со Трамп дека ситуацијата во Украина е потешка отколку во Газа .

„Тој навистина рече дека војната во Украина е потешка и поголема. Тоа е разбирливо. Ова е 
војна од целосен обем . Не ги споредуваме жртвите, бидејќи боли насекаде во светот. И не сакам да споредувам, но имаме голема војна. А Русија е голема сила, навистина голема сила. И тие ја започнаа првата операција пред повеќе од 10 години. Ова е навистина многу тешка ситуација“, рече Зеленски.

Тој оцени дека постигнатото примирје на Блискиот Исток дава сигнал и надеж дека Путин ќе „се соочи со ист притисок“ за прекин на војната во Украина.

„За тоа ни требаат оружја со долг дострел и вистинска заштита од воздушна одбрана, само за да му покажеме на Путин дека Америка нè поддржува. САД имаат ракети „Томахавк“  и други работи што можат да се користат во воениот сектор“, рече Зеленски.

Тој потсети дека Иран ѝ дал на Русија лиценци за производство на беспилотни летала, дека иранските експерти ги обучиле Русите и дека Северна Кореја ѝ обезбедила на Русија многу артилерија.

„Ние сме силна земја, но не доволно голема за да им се спротивставиме на Русија, Иранците и Севернокорејците. Тоа е премногу. Затоа разговаравме за Томахавкот и други работи“, смета Зеленски.