– Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера изјави дека доколку Украина биде поканета во НАТО, тоа би требало да се однесува на целата територија на земјата, а не само за одредени региони.
„Доколку ова е покана, таа мора да се однесува на целата наша територија. Неприфатливо е НАТО да покани само дел од украинската земја“, изјави Зеленски за време на состанокот со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој вчера беше во Киев.
За време на состанокот Зеленски ја истакна потребата на Украина за системи за противвоздушна одбрана, истакнувајќи дека Русија продолжува да ја напаѓа енергетската инфраструктура на Украина и цивилите.
„За жал, нападите продолжуваат. Минатиот месец руската Армија во Украина лансираше 347 балистички ракети и над 2.000 беспилотни летала Шахед од иранско производство. Ниту една земја не може да издржи таков терор цел месец. Благодарни сме на оние кои ни помогнаа со системите за противвоздушната одбрана“, додаде Зеленски.
Зеленски исто така разговараше и за ситуацијата на линиите на фронтот и за обезбедувањето артилериски гранати на украинската Армија.
„Не е можно НАТО да покани само дел од територијата на Украина. Тоа би значело не само дека другите делови од нашата земја се во опасност, туку и дека преостанатиот дел од Украина е автоматски загрозен. Украина никогаш немала намера во оваа војна да ги вклучи армиите на членките на НАТО“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски предупреди дека доколку земјите од НАТО испратат војници во Украина, „половина од сојузниците ќе ја намалат својата поддршка“.
Коста истакна дека Европската Унија планира да ја зголеми финансиската поддршка за Украина.
„Овој месец одлучивме да обезбедиме дополнителни 4,2 милијарди евра помош за поддршка на украинскиот буџет. Од следниот месец планираме да даваме помош од 1,5 милијарди евра секој месец во текот на целата година“, рече Коста, додавајќи дека ЕУ подготвува 15-ти пакет санкции против Русија.