Земјата сака се повеќе жени во армијата

Жените се недоволно застапени во германските вооружени сили. Тоа треба да се смени со реформа на законот. Но, нема да биде лесно да се спроведе во пракса, пишува Дојче веле.

Германскиот Бундесвер има потреба од мажи за зајакнување на воената способност на земјата како одговор на руската војна во Украина.

Бундесверот има околу 180.000 војници – од кои 24.000 се жени, не сметајќи ги цивилите кои работат за армијата. Според владините податоци, жените сочинуваат 9,5 отсто од работната сила, а 45 отсто во медицинскиот сектор.

Владата на канцеларот Олаф Шолц неодамна усвои низа мерки за подобрување на родовата еднаквост во војската, чија цел е усогласување на процедурите во Бундесверот со неодамнешната реформа на законите кои се однесуваат на владата како целина. Според владината дефиниција, учеството на жените треба да биде поголемо од 20 проценти вкупно.

„Жените сè уште се недоволно застапени во Бундесверот“, изјави за новинарите владиниот портпарол Штефен Хебестрајт. Тој додаде дека германската влада верува дека поголем број жени во армијата придонесуваат за Агендата на ОН 2030 за одржлив развој. „Зајакнување на жените и девојките“ е еден од столбовите на таа агенда.

Направете ја работата привлечна за жените

Горенаведените реформи првенствено се фокусираат на платите, како на активните дежурства, така и во резерва, а се планира да се подобри и поддршката за грижата за децата и постарите и болните членови на семејството.

Владата се надева дека тоа ќе ги охрабри жените да не се определат за неплатена работа во домот, каде сè уште го носат најголемиот товар, туку да се вработат – вклучително и во армијата.

Такви напори веќе постојат на друго место, во јавниот и приватниот сектор. Некои политички партии, на пример, бараат соодносот на мажи и жени да биде половина до половина кога станува збор за кандидати за лидерски позиции. Бундестагот веќе донесе некои од потребните закони.

Источна и Западна Германија

Кога во 1955 година беше основана војската на Западна Германија, на жените им беше забрането да служат војска. Така беше до 1975 година, кога на жените им беше дозволено да се приклучат на војската, но само во медицинскиот кор. Дури и во 2001 година, откако сите воени улоги беа отворени за жените, медицинскиот кор остана поле со најголем женски контингент.

Во социјалистичка Источна Германија, приказната беше поинаква. Нејзините вооружени сили беа формирани во 1956 година и дозволија учество на жените во сите гранки на војската. Но, мажите беа регрутирани, додека жените служеа доброволно. А таму најмногу се занимаваа со медицински и административни работи.

Велика Британија и САД

Германија не е единствената со малку жени војници. Во повеќето земји, вклучувајќи ги и нејзините најблиски сојузници, војската е „сè уште машки свет“, се вели во извештајот на британскиот парламент од 2021 година. Во тоа време, процентот на жени во британската војска беше 11 проценти. Тоа беше рекорд на сите времиња, според Министерството за одбрана во Лондон, но целта од 15 проценти сè уште не беше исполнета. Таа цел сега е зголемена на 30 проценти до 2030 година.

Во САД во истата 2021 година, жените сочинуваа повеќе од 17 проценти од активниот персонал, според американското Министерство за одбрана. Тоа е нагорен тренд.

Претседателот Џо Бајден неодамна ја назначи Лиза Франчети за командант на морнарицата. Доколку назначувањето биде потврдено од Конгресот, таа ќе стане првата жена во Генералштабот.

Бундесверот во конкуренција со приватниот сектор

Заложбата на Бундесверот за повеќе жени не се однесува само на еднаквите можности. Ова е во согласност со сеопфатното подобрување на воените капацитети на Германија. Министерот за одбрана Борис Писториус ја објави целта за регрутирање на уште 20.000 војници до 2031 година.

Нема да биде лесно. Кога станува збор за регрутирање, Бундесверот се натпреварува со другите владини агенции и приватниот сектор за истиот базен на потенцијални кандидати.

Германија, чие население во просек старее, се соочува со недостиг на работна сила, што ја погодува и армијата, изјави за ДВ портпаролката на Министерството за одбрана.
„Има зголемена побарувачка од работодавачите за квалификуван кадар практично за сите области“, рече таа.

Армијата има дополнителен проблем: треба да привлече млади луѓе кои сакаат „висок степен на флексибилност и индивидуална слобода во нивниот работен век“, додаде таа. Овие очекувања се во контраст со ригидната хиерархија и командна структура на армијата.

Друг предизвик што војската го споделува со приватниот сектор: безбедноста на работното место, особено за жените. Станува збор за сексуално вознемирување: според невладината организација Terre des hommes, во Бундесверот во периодот од 2018 до 2020 година имало речиси 850 такви случаи.