– Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека земјите од Г7 не го сметаат за сериозен предлогот на рускиот претседател Владимир Путин во врска со условите за прекин на огнот со Украина.
Канцеларот Шолц даде изјавата за германскиот јавен радиодифузен сервис ЗДФ по Самитот на Г7 чиј домаќин беше Италија.
Наведувајќи дека е уверен дека пакетот помош од 50 милијарди долари ветен на Украина на Самитот на Г7 ќе и биде доставен на оваа земја до крајот на годинава, Шолц рече дека со месеци се подготвуваат и се обидуваат да најдат решенија за обезбедување континуирана поддршка за Украина и дека сега е јасно дека Украина ќе ја добие таа поддршка.
„Ова е исто така порака до сите земји дека постои начин да се организира оваа поддршка. Ова е порака до (рускиот претседател Владимир) Путин дека не би било во ред да смета на намалување на поддршката“, рече Шолц.
Одговарајќи на прашањето како е примен предлогот на Путин за условите за прекин на огнот со Украина на Самитот на Г7, Шолц рече:
„Сите знаат дека тоа не е сериозен предлог, туку дека има врска со мировната конференција што ќе се одржи во Швајцарија. Путин откри и што навистина му е важно, а тоа е освојување на земјата во класичен империјалистички стил. За да го постигне тоа, тој употреби голема воена сила, започна брутална војна и се согласи со смртта или сериозното повредување на 100.000 руски војници заради неговиот империјалистички сон. Затоа, тоа не е предлог што ќе фунционира.“
Германскиот канцелар Шолц истакна дека во Украина треба да се постигне праведен мир и дека Украина треба да дејствува во согласност со нејзините интереси.
Во врска со обвинувањата дека Германија го спречува напредокот во преговорите за новиот пакет санкции што ЕУ ги планира против Русија, Шолц рече: „Не, ние не ги блокираме (санкциите).“