На трето и четврто место на листата на земји со најголем број оружје на сто жители се наоѓаат Црна Гора и Србија, додека Сееврна Македонија се наоѓа на 13. место.
Според истражувањето на меѓународната агенцијата „Small Arms Survey“ со седиште во Женева, во светот постојат повеќе од милијарда парчиња огнено оружје, од кои повеќето се во рацете на цивилите, а голем број земји од Западен Балкан се наоѓаат на врвот на листата со најголем број парчиња на сто жители, јавува Анадолу.
Според последното истражување од 2018 година, се проценува дека околу 85% од парчињата оружје се во рацете на цивилите, 13% во воениот арсенал, а 2% се во сопственост на агенциите за спроведување на законот.
Околу 4 од 10 парчиња огнено оружје поседуваат американските цивили. Во Соединетите Американски Држави (САД) живее 4% од светската популација, а цивилите од оваа земја поседуваат околу 40% од светското огнено оружје.
САД имаат околу 121 парче огнено оружје на стотина жители, додека втора на листата на земји со најголем број парчиња оружје е Јемен со 53 парчиња на сто жители.
Според ова истражување, на трето и четврто место на листата на земји со најголем број оружје на сто жители се наоѓаат Црна Гора и Србија со ист број парчиња оружје, односно 39,1. Во истражувањето се вели дека во Србија цивилите имаат 2.719.000 парчиња оружје, од кои 1.186.086 регистрирани и 1.532.914 нерегистрирани. Во Црна Гора има 245.000 парчиња оружје, од кои 103.536 регистрирани и 141.464 нерегистрирани.
Босна и Херцеговина се наоѓа на 11. место, а според податоците на „Small Arms Survey“, во земјата на сто жители се регистрирани 31,2 парчиња оружје. Во извештајот се наведува дека во БиХ има вкупно 1.185.000 парчиња оружје, од кои 353.000 се регистрирани, a 832.000 се нерегистрирани.
Северна Македонија се наоѓа на 13. место со 29,8 парчиња оружје на сто жители, со вкупно 621.000 парчиња оружје. Косово се наоѓа на 17. место со 26,3 парчиња на сто жители, односно вкупно 436.000 парчиња оружје.
На крајот на листата се наоѓаат земји, како што се Индонезија и Јапонија, кои немаат повеќе од едно парче огнено оружје на 100 жители.