Земјоделците од Овчеполскиот регион бараат итно да се пушти вода за наводнување

Земјоделците од девет села од Овче Поле тврдат дека  десет дена немаат вода за наводнување на нивните земјоделски култури. Посочуваат дека веќе трпат големи загуби на пченката и луцерката на кои итно им треба вода.

Дејан Атанасов од Здружението „Овечеполски Аграр“ вели дека незадоволството е големо кај земјоделците од деветте села во овој регион.

-Над десетина дена нема вода, додека селата Црнилиште, Амзабегово никако не добиле, или имаа само два дена за наводнување. Незадоволство е огромно, вода нема до нашите ниви, а браната Калиманци е полна со вода, вели Атанасов.

Тони Павловски, сопственик на земјоделска фрма од Црнилиште изјави дека има 15 хектари со луцерка, од кои пет веќе му се изгорени и уништени поради тоа што вода нема до неговата нива.

-За некој ден доаѓа 2 август, а ние се уште ја немаме почнато сезоната со наводнување. Како може да опстане земјоделецот? Јас имам 15 хектари посеано под луцерка, петте веќе не ги вадам, за останатите чекам, рече Павловски.

Земјоделецот  Игор Атанасов од село Мустафино вели дека штетите се големи на пченката. Годинава тој инвестирал околу 15.000 евра, но поради тоа што нема вода за наводнување нема да може да го собере родот.

Директорот на Водостопанство „Брегалница“ Благојчо Богатинов вели дека тој за Овчеполскиот регион е одговорен неколку дена, а со земјоделците од Овче Поле е во контакт и било договорено денеска да се пуштат шест кубика вода. Појасни дека поради невремето решетката на системот за наводнување била затрупана со гранки и секаков отпад. Дециден е дека водата до нивите во Овечеполскиот регион ќе пристигне утре.

-Екипите на Водостопанство работеа до раните утрински часови за дефектот да се отстрани и веќе за утре ќе пристигне водата до нивите, согласно договорот што го имав со водокорисниците на состанокот, вели Богатинов.

Посочи дека проблемите се стариот систем за наводнување, но и нема солидарност меѓу самите земјоделци. Решението е, како што рече, и поголема контрола на испустните места на каналската мрежа.