Земјотресот со јачина од 6,8 степени југозападно од Маракеш имаше страшни последици, соопштија официјални лица. Одредени планински села во Атласот се израмнети со земја.
Повеќе од 2.100 луѓе загинаа во силниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди централниот дел на Мароко, а други 2.250 беа повредени во најголемата природна катастрофа што ја погоди оваа африканска земја во последните 60 години.
Голем број луѓе поминаа три ноќи на отворено поради страв од последователни потреси.
Во тек е голема спасувачка операција за извлекување на преживеаните од урнатините.
Епицентарот на земјотресот бил во планините Висок Атлас, 71 километар југозападно од Маракеш, на длабочина од 18,5 километри, соопшти Американскиот геолошки институт.
Земјотресот се случил во петокот вечерта во 23.11 часот по локално време (22.11 часот по средноевропско време), а 19 минути по главниот следел афтершок со јачина од 4,9 степени.
Убиени се луѓе во Маракеш и области на југ, соопшти МВР.
Кралот Мухамед Шести прогласи тридневна жалост во земјата и нареди да се достави храна и да се обезбеди сместување за загрозените.
„Сите во селото се или мртви или се во болница“
Според последните податоци, најмногу луѓе ги загубиле животите во руралните области во близина на епицентарот на земјотресот, јужно од Маракеш.
Цели села беа срамнети со земја, а патиштата беа блокирани поради урнатините и одроните предизвикани од земјотресот.
Се верува дека многу луѓе сè уште се закопани под срушените куќи.
Планинското село Тафегагте, на 60 километри југозападно од Маракеш, е целосно уништено.
Засега е потврдено дека 90 од неговите 200 жители загинале.
„Луѓето во ова село се или во болница или се мртви“, изјави еден локален жител за Би-Би-Си.
Абду Рахман ги загуби сопругата и трите сина.
„Нашата куќа беше таму горе“, вели тој, покажувајќи на местото каде што стоеше порано.
Сега е руина.
„Можете да ги видите и ќебињата и мебелот. Се останато го нема.
Абду Рахман се обидел да дојде до своите деца и сопругата, но никој не реагирал на неговите извици и повици.
„Ги закопавме вчера“, вели тој.
„Кога ги најдовме, сите беа стуткани заедно, трите момчиња спиеја, земјотресот ги закопа.
Лахцен Хадад, марокански сенатор, изјави за Би-Би-Си дека спасувачите имаат потешкотии да стигнат до оддалечените села поради непристапниот терен во планините Високиот Атлас.
„Војската и спасувачките тимови се обидуваат да ги отстранат урнатините.
Пронаоѓаат преживеани, но и мртви“, рече Хадад.
Тој додаде дека се надева дека ќе бидат спасени уште луѓе, но стравува дека конечниот биланс на загинати ќе биде поголем.
Хадад истакнува дека на Мароко најверојатно му е потребна меѓународна помош.
Еден од жителите на зафрленото село Асни вели дека многумина сè уште не можат да ги најдат членовите на своите семејства.
Луѓето се уште се под урнатините, сè падна врз нив, и планините и нивните домови“, вели Адени Мустафа.
Британската новинарка која живее во близина на Асни, Алис Морисон, вели дека камењата се насекаде по патиштата.
„Стојам до карпа која е три пати повисока и поширока од мене и е на средината на патот“, вели таа.
Поради ова, помошта се уште не пристигнала во селото Мсуна, каде Хакима изгубила четири члена од своето семејство.
„Моето семејство го загуби домот и личните работи, немаат ништо“, рече тој.
Тој ја опишува ситуацијата како катастрофална.
„Луѓето гладуваат, децата бараат вода. Потребна им е помош“, вели Хакима додека чека помош да пристигне во нејзиното село.