Веста дека седумкратниот шампион во Формула 1, славниот Британец Луис Хамилтон, решил да го напушти Мерцедес и да ја продолжи кариерата во Ферари одекна како „бомба“!
Како што објави денеска шпанскиот весник AS, 39-годишниот Луис Хамилтон сака да биде во тим кој би можел да му обезбеди конкурентен болид за освојување на рекордната осма шампионска титула пред да му заврши кариерата.
Претходните години се шпекулираше дека Луис Хамилтон може да се пресели во Ферари, а во Мерцедес се зборуваше дека тоа се само гласини. Минатата година британскиот возач го продолжи договорот со Мерцедес до 2025 година.
Наводно по истекот на договорот тој ќе премине во тимот на Ферари.
Во последните две години Луис Хамилтон нема постигнато ниту една победа во Формула 1, чиј рекорд е 103 победи.
AS објави дека Карлос Саинц ќе го напушти Ферари на крајот на сезоната, бидејќи преговорите за продолжување на соработката пропаднаа. Тој е единствениот возач, кој не бил од тимот на Ред Бул, кој победил минатата сезона во Формула 1, на трката во Сингапур.
Луис Хамилтон би возел во Ферари заедно со Шарл Леклер, кој има повеќегодишен договор со славниот италијански тим.
Ферари последен пат ја освои титулата кај возачите во 2007 година.