Првиот Грен Слем турнир за новата 2024 година – Отвореното првенство на Австралија (Австралија Опен) оваа година ќе го носи епитетот историја, бидејќи првпат од неговото основање турнирот наместо во понеделник ќе започне во недела!
За неупатените причина за тоа се временските разлики ширум светот. Имено, Мелбурн, на пример, е дури 16 часа пред Њујорк и претходниот распоред ги зафати повеќето делови на САД.
Така, поради промената, турнирот ќе започне в сабота за Северна и Јужна Америка, а со новиот почеток бројот на натпревари во три арени од 47 ќе се зголеми на 52.
Ова нема да биде единствената промена на Австралија Опен. За првпат досега, Австралија Опен ќе трае 15 наместо 14 дена. Ова е одлука што челниците на споменатиот Грен Слем турнир ја објавија уште есента, а е донесена со надеж дека ќе се намалат рано утринските натпревари (односно по полноќ во Австралија) што се случија минатата година.
„Ги слушавме мислењата на играчите и навивачите. Ова е решение кое ќе ја намали можноста за задоцнето завршување на натпреварите, притоа одржувајќи фер и изедначен распоред на сите терени. Тоа ќе го добиеме за дополнителен ден. Натпреварите од првото коло веќе нема да се играат два дена, туку три дена“, изјави директорот на Австралија Опен, Крег Тајли уште во октомври.