До 2016 година, австралискиот бизнис магнат Ентони Прат и неочекуваниот победник на претседателските избори во САД, Доналд Трамп, беа само случајни познаници. Сепак, од 2016 до 2020 година, нивната врска стана толку интимна што стана фокус на посебна истрага, како од американските и од австралиските медиуми, така и од федералните истражители кои водат случај поврзан со чување на доверливи документи на имотот Мар-а-Лаго на Флорида.
Имено, во разговор со неколку агенти, Ентони Прат изјавил дека поранешниот американски претседател уште во 2019 година при нивните редовни средби му дал увид во доверливите информации за американската нуклеарна подморница, поради што постои сомнеж дека ја загрозил националната безбедност на САД.
На видео-снимката од испрашувањето, која дошла и до весникот New York Times, Ентони Прат тврди дека во 2016 година, по изборната победа на Доналд Трамп, тој инвестирал неколку стотици илјади долари за членарина во Мар-а-Лаго, со надеж дека на тој начин ќе се воспостави доволно близок однос со претседателот и неговата придружба за лично да профитираат за време на неговиот мандат во Белата куќа.
„Моја супермоќ е фактот дека сум многу богат, поради што влијателните луѓе ме сметаат за многу корисен“, објаснил австралискиот магнат, додавајќи дека токму така британскиот крал Чарлс еднаш го запознал со својата сопруга Камила.
Со оглед на тоа што тој не е државјанин на САД, Ентони Прат не можел лично да донира средства за кампањата на Доналд Трамп, па донациите биле „набиени“ со систематско преплаќање на членарината во имотот на Доналд Трамп во Флорида, Мар-а-Лаго.
NYT пишува дека тоа била вообичаена и добро воспоставена тактика што ја користат другите светски сили, но дека Ентони Прат најмудро ги играл картите што му биле поделени. Благодарение на нивното пријателство, Ентони Прат отворил фабрика на својата компанија Pratt International во сојузната држава Охајо за време на мандатот на Доналд Трамп и ветил дека ќе создаде „илјада нови работни места“ во американскиот Среден Запад без чии изборни гласови Доналд Трамп не би можел да освои нов мандат во Белата куќа.
Додека се дружеле со хамбургер во клубот Мар-а-Лаго, Доналд Трамп уште во 2019 година му потврдил на својот „куќен пријател“ Ентони Прат дека наредил бомбардирање на ирански објекти во Ирак.
Тој, исто така, наводно се пофалил со контроверзниот телефонски разговор што некогаш го имал со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за кој Конгресот започна втора постапка за импичмент. Да потсетиме, Доналд Трамп побара од Володимир Зеленски, во замена за американско оружје, да покрене истрага против „лудиот син“ на Џо Бајден, Хантер Бајден, кој беше во управниот одбор на украинската енергетска компанија „Барисма“. Цел ? Доаѓање до „валканите алишта“ на неговиот главен ривал на претседателските избори.
„Знаете, тој повик до Киев беше умерен во споредба со тоа какви се моите повици со светските лидери“, му рекол Доналд Трамп на Ентони Прат за време на нивните приватни разговори.
„Тој кажува што ќе му падне на памет, без никакво размислување. Тој само сака да ги шокира луѓето“, им објаснил Ентони Прат на истражителите на предметниот случај, потврдувајќи дека е подготвен да плати дури еден милион долари за да присуствува на новогодишната забава во Мар-а-Лаго со Доналд Трамп, се со цел да се дружи со моќниците откако алкохолот им го „олабави јазикот“.
Очекувано, поранешниот претседател на САД се осврна и ја коментираше целата ситуација, каде на друго место, ако не на неговата омилена социјална мрежа Truth Social.
„Никогаш не сум разговарал со него за подморници, но разговаравме за отворање нови работни места во САД, бидејќи тоа е она што ме интересира: РАБОТА, ГОЛЕМА ЕКОНОМИЈА, НИЗОК ДАНОК, МАЛА ИНФЛАЦИЈА, ЕНЕРГИЈА, ДОМИНАЦИЈА, СИЛНИ ГРАНИЦИ И МИР НАМЕСТО ВОЈНИ“, стои во објавата на Доналд Трамп, истакнувајќи дека Ентони Прат е „црвеноглав чудак“ кој никогаш не бил претерано симпатичен.