Карактеристичните куќи во бели и сини бои се белег на бајковитите грчки дестинации, како што се Миконос и Санторини, а причината е едноставна, тие привлекуваат помалку сонце.
Дали знаете што симболизираат карактеристичните бои на ведрото небо и морето?
Боите на грчките островски куќи се појавиле од практични причини. Каменот достапен на места како Миконос, Парос и Наксос имал еден недостаток – потемна, земјена боја , која го привлекувала сонцето и го правела животот во куќите неподнослив поради високите температури.
За да се разладат, Грците го обоиле каменот во бело, и со текот на времето станал дел од традицијата. Исто како и белата, сината си има свои „зошто и како“.
Грчките рибари и морнари ги бојадисувале вратите и прозорците со бојата што останала од боењето на бродот, а сината боја била најдостапна поради нејзиниот состав.
Карактеристичната сина боја била направена од мешавина од вар и средство за чистење, еден вид син талк кој им бил достапен на повеќето луѓе.
Прекрасните бои на домовите на грчките острови станаа задолжителни во текот на 1960-тите.
Сегашниот режим верувал дека препознатливите бои ќе го поттикнат патриотизмот, и наскоро бил донесен закон со кој се наредува боење на куќите на грчките острови во сино-бела боја.
Иако денешните прописи се порелаксирани, боите на грчките острови привлекуваат туристи, па затоа традицијата продолжила.