Зошто Невил фрла снег на теренот на Енфилд? Ако нема игра, нема нов пораз за Јунајтед

Денеска од 17:30 часот на „Енфилд“ фудбалерите на Ливерпул ќе го пречекаат Манчестер Јунајтед во дербито од 20. коло, а интересна сцена видовме денеска на иконскиот стадион.

Имено, поранешните англиски репрезентативци Гери Невил и Џејми Карагер и актуелни аналитичари на Sky Sports влегоа на стадионот за да им помогнат на работниците да го исчистат снегот од тревникот.

Но, додека легендарниот фудбалер на Ливерпул всушност го чистеше снегот, Невил го враќаше со лопата на теренот.

Секако, Невил на шега алудираше на тоа дека за неговиот сакан Јунајтед е подобро ако натпреварот не се одржи бидејќи „црвените ѓаволи“ се во многу лоша форма.

Ливерпул во овој меч влегува од лидерската позиција, додека Манчестер Јунајтед е само на 14. место и во серија од три порази.

Да потсетиме, натпреварот беше доведен во прашање поради обилните снежни врнежи, но денеска во 13 часот беше донесена одлука натпреварот сепак да се игра.