Мигрената е силна главоболка која може да биде придружена со гадење, чувствителност на светлина или звук, а најчесто се рефлектира на едната страна од главата.
Приближно една од пет жени и еден од 15 мажи страдаат од мигрена.
Не постои специфичен лек за оваа состојба, но наместо тоа лекарот прeпишува терапија врз основа на интензитетот и зачестеноста на болката.
Што всушност е мигрена?
Мигрената е главоболка која може да биде посилна или послаба и може да се повторува често или еднаш годишно. Исто така, мигрената може да трае од неколку часа до неколку дена. Луѓето кои патат од мигрена веднаш ја препознаваат и знаат како да се однесуваат кога ќе се појави. Мигрената спаѓа во хронични, примарни главоболки, што значи дека не е симптом на некоја друга болест.
Што ја предизвикува мигрената?
Точната причина за мигрената не е позната, но можеби станува збор за генетското наследство на болеста или за начинот на кој функционира мозокот. Исто така, мигрените се почести кај жените на возраст меѓу 10 и 40 години, а шансите за развој на мигрена се зголемуваат кај луѓе кои имаат друга здравствена состојба како депресија, анксиозност, биполарно растројство, нарушување на спиењето или епилепсија. Предизвикувачи за мигрена може да бидат: стрес, премногу или премалку сон, силни мириси, замор, промени во хормоните, првиот ден од менструацијата, нередовно јадење, премногу кофеин, промени во времето или физичката активност.
Како да ја препознаете мигрената?
Секој човек ќе има различни симптоми на оваа главоболка. Кај некои ќе биде блага, додека кај други ќе предизвика поголеми проблеми и неможност за извршување на секојдневните активности. Кај многу луѓе, мигрената се јавува во фази:
1. Продромна фаза
Прво може да се појави преосетливост на звуци и светлина, проследена со мала главоболка или пулсирање во главата, а може да има слабост и грчеви во мускулите, гадење, тешкотии при читање или концентрација.
2. Аура
Следната фаза е фазата на аура, која вклучува нарушувања на нервниот систем, говорот и видното поле, имено заматен вид, двоен вид, моментално губење на видот, трепкања во очите, промени во вкусот или мирисот, отежнато зборување и тинитус. Аурата трае помеѓу 10 и 60 минути.
3. Тешка главоболка
Самиот напад на мигрена може да предизвика гадење, повраќање, екстремна главоболка која се движи од еден дел до друг. Ова може да потрае од неколку часа до неколку дена. Може да се јави и треска и потење, како и болка во вратот.
4. Постдромна фаза
По мигрената може да дојде до силен замор, депресија, проблеми со концентрацијата, а од друга страна да дојде до зголемена енергија и еуфорија. Оваа фаза може да трае два дена по почетокот на мигрената.
Како се дијагностицира мигрената?
Во случај на чести мигрени, неопходно е да се посети лекар. Тој ќе го праша пациентот за симптомите, времетраењето, повторувањето и интензитетот на главоболката, а исто така ќе се обиде да открие дали има некој во семејството со мигрена. За да се исклучат други болести со слични симптоми, вашиот лекар може исто така да побара од вас да направите дополнителни прегледи од невролог, правејќи тестови како што се земање крв, магнетна резонанца, КТ на главата или ЕЕГ.
Лек за мигрена
Ако мигрената е блага до умерена, нема да биде потребен посебна терапија. Исто така, не постои единствен лек за мигрена. Наместо тоа, лековите против болки можат да помогнат да се намалат симптомите, кои треба да се земаат, како што е препорачано од вашиот лекар, кога ќе се појават првите знаци на мигрена. Други лекови кои помагаат се агонисти на рецепторот на серотонин 1B / 1D (триптани) во форма на таблети, назални спрејови или инјекции кои делуваат на рецепторите лоцирани во крвните садови и предизвикуваат стеснување на крвните садови и делуваат на болка. Достапни се со рецепт од невролог.
Антиеметичките лекови го спречуваат повраќањето и се даваат на пациенти кои повраќаат со мигрена. Во случаи кога мигрената се јавува повеќе од еднаш месечно, вашиот лекар може да ви препише и профилактичка терапија, која вклучува бета-блокатори, антидепресиви, антиепилептици, флунаразин или третман со моноклонални антитела.
Лекарот во одредени случаи може да определи и внес на витамин Б2, магнезиум, коензим Q10.
Самопомош при мигрена
Кога ќе се појави мигрена, од најголема помош ќе биде престојот во затемнета просторија без гласни звуци и слични дразби. Некои ќе бидат подобри откако ќе се одморат одреден период и ќе спијат неколку часа. Исто така, важно е да се откријат предизвикувачите на мигрената, со водење дневник на пишување работи кои потенцијално би можеле да доведат до главоболки, а потоа да се отстранат истите тие предизвикувачи од секојдневниот живот и да се следи дали ќе има промена. Подеднакво, тоа ќе помогне да се намали стресот, да не се прескокнуваат оброците, да се намали потрошувачката на кофеин и цигари. Акупунктурата може да им помогне на некои.
Мигрената може да се појави и кај трудници, а се лечи со откривање на причините и нивно исфрлање од животот. Во некои случаи, вашиот лекар може да препише и лекови против болки во помали дози.