Согласно изјавата на министерката Сања Божиновска, производната цена на електричната енергија од страна на ЕСМ е намалена за 10% во првиот квартал од 2025 година. Според регулаторот Бислимовски, токму продажната цена на ЕСМ има најголемо влијание врз крајната цена за домаќинствата и учествува со околу 35%. Оттука, кога според Тарифникот трошоците за набавка се намалени за над 5%, Регулаторната комисија за енергетика е должна да ја намали и крајната цена на струјата за потрошувачите.
Се поставува прашањето зошто кога се исполнети условите за намалување на цената на струјата и министерката Божиновска се пофали со податокот за ЕСМ – продолжува да важи одлуката за поскапа струја од декември 2024 година и Божиновска кажа дека таа нема да се намали?!
Определувањето на цената на струјата за домаќинствата РКЕ ја има препуштено на ЕВН со измените на Тарифникот од 2023 година. Со овие измени РКЕ има улога само во проверка на усогласеноста со тарифниот систем, без реална можност за влијание врз предлог-цените. Во ваков модел, потрошувачите се оставени без реална институционална заштита во рацете на (монополот ЕВН), иако РКЕ формално останува со надлежност за заштита на интересите на потрошувачите. Поради овие причини Левица бара:
1. Итна намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата, согласнонамалените трошоци за производство и набавка;
2. Измени на Тарифниот систем со цел враќање на клучната регулаторна улога на РКЕ при утврдувањето на цената на струјата;
3. Целосна транспарентност во методологијата на утврдување на цените преку објавување на сите документи и пресметки на веб-страницата на РКЕ, вклучително и отворена табела со пресметковни елементи;
4. Покачување на граничната вредност на првиот блок во високата тарифа од 210 на 270 kWh месечно, како мерка за заштита на домаќинствата од ненадејно зголемени трошоци, односно брзиот премин во повисок блок.
Левица останува посветена на системски промени во енергетскиот сектор кои ќе ја стават заштитата на граѓаните и јавниот интерес во центарот на енергетската политика. Веруваме дека пристапот до електрична енергија како основна потреба мора да биде обезбеден по фер, праведни и транспарентни услови.