„Испишав историја и ја направив мојата земја горда“, порача денеска македонскиот автомобилист Игор Стефановски – Иџе на средба со новинарите во Скопје на која ги сподели импресиите од сезоната во која се искачи на европскиот трон во ридски патеки и го повтори успехот од 2014 и 2015 година.
До својата трета европска титула во кариерата Игор Стефановски дојде во доминантен стил, со седум победи и осум рекорди во сезоната која ја комплетираше со победа во неделата во завршната трка во хрватски Бузет.
„Освојувањето на третиот трофеј ми обезбеди влез во историјата на ридско планински европски натпреварувања, како единствен освојувач на три титули, а за да биде задоволството уште поголемо, рушевме рекорди на осум патеки. Горд сум на себе, мојот тим и мојата држава, бидејќи навистина е престиж да се биде најдобар во толку силна конкуренција“, изјави Игор Стефановски на прес – конференцијата која по повод освоената трета европска титула попладнево ја организираше Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Игор Стефановски кажа дека зад себе оставил импресивна сезона во која се искачи на европскиот трон и покрај здравствените проблеми со кои се соочуваше на три од десетте трки.
„Јас секогаш одам на победа и рекорди и така беше и оваа сезона, која беше тешка од здравствени причини, но благодарение на мојот тим и мојата упорност постигнавме голем успех“, додаде Игор Стефановски.
Честитајќи му ја третата европска титула, директорот на АМС, Наумче Мојсовски, истакна дека Игор Стефановски и во иднина ќе ја има сета потребна помош и поддршка.
„Огромна чест и задоволство ми е што до нас го имаме Европскиот автомобилистички шампион. Неговите резултати не обврзува нас, како Агенција за млади и спорт, а се надевам и целиот негов тим, да стоиме и понатаму зад неговите настапи од причина што Иџе е пример како се сака спортот, како се бранат боите на сопствената земја, како вистински се претставува татковината“, истакна директорот на Агенција за млади и спорт Наумче Мојсовски.
Истакнувајќи го огромниот успех на Игор Стефановски, неговиот менаџер Дане Кузмановски изрази благодарност за поддршката од АМС и на сите Македонци кои живеат надвор од нашите граници, а во голем број ги следеа неговите трки.
Дане Кузмановски навести дека Игор Стефановски од следната сезоната ќе се натпреварува во нова категорија, најавувајќи оти сите детали ќе бидат наскоро објавени.