– Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски организираше прием за беровчанките кои ја претставуваа земјава на 13-тиот Меѓународен занаетчиски форум во Шарја во Обединетите Арапски Емирати организиран од Институтот за наследство на Шарја.
Пекевски истакна дека е огромна чест што градот Берово имаше свои претставнички на настанот на кој под слоганот „Килим и текстил“ учествуваа 18 земји.
– Чест и задоволство, за сите нас, е фактот што Република Северна Македонија, првпат учествува на овој саем и што првите претставнички се токму од Берово. Од името на Општина Берово, Советот на Општина Берово, општинската администрација и од мое лично име, им се заблагодарив на нашите претставнички Јадранка Фурнаџиска од Берово и Љубинка Механџиска од село Русиново за афирмацијата на Општина Берово, во интернационални рамки и им посакав, да продолжат со работа и труд и понатаму да бидат чуватели на традицијата и фолклорот, од малешевскиот регион, рече Пекевски.
На средбата претставничките од нашата држава, како што додаде тој, искажале задоволство од престојот, ги споделиле нивните позитивни искуства, прекрасните импресии и спомени и изразија надеж, за продолжување на соработката.
– Во оваа прилика, сакам да истакнам голема благодарност до Јасна Пајковска, проект координатор во Центарот за управување со промени, која што ги препозна квалитетите на малешевските домаќинки и им овозможи да бидат дел од успешната приказна на 13-тиот Меѓународен занаетчиски форум во Шарја, додаде Пекевски.
Како што беше кажано на средбата, беровчанки во најубаво светло ја претставиле земјава промовирајќи ги своите ракотворби, посебно од текстилната индустрија, како што се килими и традиционални носии, покажувајќи како се чува духот на традицијата и фолклорот од малешевскиот регион.
Форумот се реализирал по иницијатива на нашето дипломатско-конзуларно претставништво во Абу Даби, по предлог на сопругата на шефот на државата, во соработка со Центарот за управување со промени за развој на женското претприемништво.