Полицијата ги идентификуваше лицата кои вчера го оставија сомнителниот куфер пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ , на плоштадот „ВМРО“.
Според информациите, станува збор за швајцарскиот државјанин Рафаел С. (1987) и женско лице со идентитет Вивијан Ш. (1985), кое пристигна во Македонија на 1 октомври со лет од Цирих.
Се појави и видео од надзорните камери, на кое се гледа како странците го оставаат куферот и си одат.
Според безбедносните камери, како што наведува Министерството за внатрешни работи, двете лица го разгледувале просторот, по што едното од нив оставило куфер пред зградата. Мотивите за оваа акција не се јасни.
Вчерашната евакуација на блиските згради беше оценета како закана од бомба. Министерството за внатрешни работи потврди дека по извршениот увид, било утврдено дека станува збор за празен куфер и дека не претставува безбедносна закана.