Кризата на здравствените системи во регионот главно се сведува на се помалиот број на доктори и медицински сестри. Помалите плати, непотизмот, партизацијата и лошите услови за работа ги тераат иднината да ја бараат во западноевропските држави.
Недостаток на медицински персонал,несоодветни плати, застарена опрема. Ова се главните проблеми со кои се соочуваат здравствените системи во регионот. Особено излегоа на површина за време на пандемијата со коронавирусот, но алармот останува вклучен и во периодот по пандемијата. Ако за време на најсилните бранови на Ковид-19 целиот здравствен персонал беше фокусиран да се надмине со што помали последици сега доаѓаат до израз недостатоците кои подолг период беа ставани во втор план. Германија, Австрија, Швајцарија и прекуокеанските земји медицинскиот персонал ги гледа како надеж.
Северна Македонија: Лекарите на излезна врата поради партизација и непотизам
Одливот на медицински кадар е нешто со што Северна Македонија се соочува подолго време. Докторите и останатиот медицински персонал поради подобрите плати и услови за работа се селат од јавното во приватното здравство, но се повеќе заминуваат на работа во западноевропските земји. Но и земјите во регионот со подобар стандард за здравствените работници остануваат примамливи за медицинскиот персонал од Северна Македонија. Словенија последна во низата нуди поволни услови за македонски доктори и медицински сестри.
Македонското лекарско друштво пред неколку месеци излезе со информација дека за една деценија си заминале околу 2.000 лекари и дека партизацијата и непотизмот ги бркаат лекарите. Во земјата има околу 9.500 лиценци за лекари од кои приближно 2.500 се лекари над 61 година.
Секој десетти лекар во Србија планира да замине во странство
Секој втор граѓанин на Србија е задоволен од услугите кои ги добива во државните здравствени установи, а секој десетти лекар во земјата планира да замине во странство во следните пет години. Ова го покажуваат последните истражувања на Националната алијанса за локален економски развој, независно и непрофитно здружение составено од компании, општини, невладин сектор. Најголем дел од лекарите кои би останале во Србија би работеле во државното здравство.
Ова истражување покажало дека лекарите како најголеми проблеми ги истакнуваат преоптовареноста, малите плати и премногу административни работи.
Застарената опрема ги вади докторите во БиХ на протест
Податоците од Заводот за јавно здравје на БиХ велат дека 73 отсто од здравствените работници во оваа држава се дел од јавното здравство. Во примарната здравствена заштита на 100.000 жители има 87 доктори и 115 медицински сестри.
Сепак заминувањето на медицинскиот персонал не е страна тема ниту за Босна и Херцеговина. Повеќе од една третина од лиценците минатата година биле за заминување од државата.
Освен западните земји, дестинации на лекарите и медицинските сестри им се и Австралија и Нов Зеланд.
Незадоволителните плати и услови за работа се причина за незадоволство кај лекарите во БиХ. Застарената опрема во неколку здравствени установи пред три месеци беше причина докторите преку протест да ги побараат нивните права.
Илјадници медицински сестри ја напуштиле Албанија
Деведесет и два проценти од студентите по медицина во Албанија размислуваат да ја напуштат земјата. Ова на крајот на минатата година го покажа истражувањето на Центарот за економски и социјални истражувања.
Лошите работни услови, недостигот на дијагностика опрема и големиот број пресуди против лекарите по глава на жител биле истакнати како главни причини. Младите, но и докторите со поголем стаж Германија ја гледаат како најпосакувана дестинација.
Првите луѓе на Здружението на медицински сестри на Албанија излегоа со фрапантни податоци дека во последните 3 години Албанија ја напуштиле 16.000 медицински сестри.
Странски доктори без лиценци во Косово
Во Косово особено се чувствува недостатокот од медицински персонал. Во последните четири месеци Косово го напуштиле 104 лекари. Ова го потврди претседателот на лекарската комора на Косово Пљеуар Сејдиу. Надлежните сметаат дека најавите за визна либерализација за Косово дополнително ќе го зголемат одливот на кадри.
Друг проблем со кој се соочува косовскиот здравствен систем е компензацијата на медицински кадар со странски доктори без лиценци.
Незадоволство на матичните лекари во Црна Гора
Проблем кој излегува на површина во здравствениот систем на Црна Гора е поврзан со матичните лекари. Тие реагираат на новите законски измени со кои според нив се зголемува и онака големиот број на пациенти кои дневно треба да ги примаат. Велат дека пропишаниот минимум од 30 пациенти дневно во голема мера го надминуваат.
Според последните законски измени матичните доктори во Црна Гора треба да имаат по 2.000 пациенти. Лекарите сметаат дека на тој начин се зголемува обемот на нивната работа, се намалува квалитетот, а платите остануваат исти.
TRT Balkan