– Израелските војници заробиле голем број борци на Хамас во Кан Јунис во јужниот дел на Газа додека се обидувале да избегаат од градот криејќи се меѓу цивили, соопштија денеска израелските одбранбени сили (ИДФ).
Во операциите во текот на ноќта, други вооружени мажи беа убиени во областа и беше пронајдено оружје, соопштија ИДФ.
Со израелски воздушен напад беше елиминирана и ќелија на Хамас што подготвуваше напад со беспилотни летала, се вели во соопштението, пренесува ДПА.
ИДФ, исто така, извршиле голема операција во делот Ал Зајтун на градот Газа, пронаоѓајќи складиште за оружје и уништувајќи место за лансирање ракети, според извештајот кој не може да се потврди.
Палестински извори известија за голем број цивилни жртви во последните операции на ИДФ. Државната палестинска новинска агенција Вафа објави дека три лица загинале во бомбашки напад на станбен блок во Сабра во градот Газа. Десетици други, вклучувајќи жени и деца, загинале во артилериски и воздушни напади на ИДФ во Кан Јунис и во градот Газа, јави Вафа. Овие извештаи, исто така, не можат независно да бидат проверени.