Израелската Армија досега убила осум илјади палестински борци за време на војната во Појасот Газа, објави во неделата портпаролот на Армијата, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху ја најави борбата на Израел до „тотална победа“ над Хамас.
„Споменатата проценка се заснова на извештаите за таргетирани напади и извештаи од бојното поле, како и на испрашување на затвореници“, изјави портпаролот на израелската Армија.
„Израелските сили се движат подлабоко во Појасот Газа“, посочи Бенјамин Нетанјаху во неделното обраќање, додавајќи дека Израел ќе се бори до „тотална победа“ над Хамас.
Алудирајќи на фактот дека 15 израелски војници биле убиени во текот на викендот, Бенјамин Нетанјаху вели дека војната има висока цена.
„Правиме се за да ги заштитиме животите на нашите воини“, додаде тој.
„Да бидеме јасни, ова ќе биде долга војна“, најави Бенјамин Нетанјаху.
Израелската Армија во неделата ги негираше наводите за злосторство извршено во болница во Појасот Газа.
Пред една недела дел од медиумите објавија дека израелската Армија употребила булдожер за да ги уништи шаторите на бегалците во дворот на болницата, при што загинаа околу 20 луѓе.
Според извештајот на CNN, тие застрелале неколку доктори, иако веќе ја провериле нивната можна поврзаност со терористички активности и дозволиле воено куче да касне човек во инвалидска количка.
Израелската Армија (ИДФ) нема врска со телата пронајдени во болницата „Камил Адван“ во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, се вели во соопштението објавено во неделата.
На социјалните мрежи кружи видео на кое се гледа како црвен булдожер наводно закопува луѓе во дворот на болницата.
Сепак, видеото датира од 2013 година и нема никаква врска со моменталното распоредување на израелски војници во Џабалија, според израелската Армија.
Армијата ги негираше обвинувањата и соопшти дека прави се што е можно за да не им наштети на невините.
Болницата била користена од Хамас за терористички активности и била лоцирана во близина на едно од нејзините штабови, соопшти ИДФ.