Целта на израелската армија е да го уништи Хамас за оваа милитантна група никогаш повеќе да не изврши злосторство во Израел, вели портпаролот на ИД, мајор Дорон Шпилман.
Тој истакна дека целта е и враќање на заложниците дома.
Портпаролот за Си-Ен-Ен изјави дека ИД повторно се обидува да го уништи Хамас по истекувањето на еднонеделното примирје меѓу Израел и милитантната група.
Шпилман рече дека воените цели остануваат упоришта на терористите на Хамас, како и места од кои тие истрелале ракетни фрлачи.
Тој посочи дека израелската армија од утрово пресретнала неколку ракети истрелани од Газа.
„Потенцијалното продолжување на примирјето зависи од политичарите, а не од армијата“, рече Шпилман.
На прашањето за таргетирањето на цивилните области во Газа, Шпилман рече дека Хамас дејствува директно од цивилните области во Појасот Газа и затоа ИД мора да ги таргетира тие области, иако, како што рече, не сака да предизвика цивилни жртви.
Шпилман тврди дека Хамас директно ги таргетирал цивилите во Израел, а не воените позиции.
Сирените утрово се огласија во Израел, еден час пред истекот на привременото примирје, а ИД соопшти дека пресретнала ракета истрелана од Појасот Газа.
Оттогаш сирените продолжуваат да се огласуваат во израелските заедници на границата со Газа.