Преку изборот за следниот еврокомесар на земјата, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сигнализира промена кон десно, пишува „Политико“ алудирајќи на изборот на номинацијата на гувернерот на регионот Централна Македонија, Апостолот Цицикостас, кој се смета за политичар со цврста десничарска идеологија.
Изборот на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис да го номинира 45-годишниот политичар Апостолос Цицикостас за еврокомесар на земјата сигнализира дека тој прави промена кон десно, пишува весникот „Политико“. Цицикостас, кој е актуелен гувернер на регионот Централна Македонија, се смета за политичар со цврста десничарска идеологија, особено кога станува збор за внатрешната политика на земјата, вклучувајќи го и долготрајниот спор за името на Грција со Македонија.
Цицикостас е политичар кој со години се противеше на меѓународниот договор меѓу Грција и Македонија со кој се реши спорот со името на земјата. Тој водеше собири против Преспанскиот договор организирајќи онлајн кампања насловена „Почитување на вистината“ која повикуваше на референдум за одлуката на тогашната левичарска влада на СИРИЗА. Иако со текот на годините ставот на Цицикостас омекна и кажа дека сега неговиот став е на линија со грчката влада и дека договорот од Преспа има многу проблематични точки, но дека е обврзувачки за двете земји, токму поради неговите поранешни ставови засега е непознато како тој ќе одговори на одредени прашања за спорот со името на сослушувањето во Европската комисија есенва, имајќи предвид дека во Македонија има нова влада која повторно ги поттикна тензиите во врска со името.
„Дефинитивно постои десничарска промена и ова е симболичен потег на Мицотакис за да покаже дека ја зајакнува десницата и дека таа се враќа во базата на неговата партија“, вели Јоргос Сиакас, доцент на Универзитетот „Демокрит“ од Тракија.
Реномираниот интернет-портал пишува и дека Цицикостас неколкупати е обвинуван дека е близок со крајната десница. Во 2013 г. тој ја поканил сега веќе непостоечката неонацистичка партија Златна зора на парада во Солун, нешто што наишло на протести од страна на тогашниот градоначалник на градот Јанис Бутарис, додека пак во 2016 година, во екот на мигрантската криза во Европа, тој се противел на потпишувањето на договор за соработка помеѓу Солун и УНХЦР за подобрување на условите за барателите на азил, по што беше обвинет од политичките конкуренти за ксенофобија.
Ваквиот потег на Мицотакис, според „Политико“, се должи на слабиот настап на неговата партија Нова демократија на европските избори во јуни годинава. На овој начин, тој се обидува да ги смири поконзервативните гласачи со реконструкција на кабинетот на владата поставувајќи политичари кои се десно ориентирани.