Собранието на Република Северна Македонија денес ќе го разгледа предлогот на Владата за Азир Алиу за министер за здравство. На седницата, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Нацрт-текстот за Алиу, поднесен од Владата и лично потпишан од премиерот Христијан Мицкоски, ја содржи биографијата на кандидатот. Во него се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки, кој моментално ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии на Универзитетот на Југоисточна Македонија во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, според доставената биографија, тој извршувал и други високи и одговорни функции.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците, која останува во ВЛЕН по оставката на Арбен Таравари на 15 мај оваа година и неговата одлука да премине во опозиција.
Предлогот Хоџа да биде заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство го потпиша и премиерот Мицкоски. Во биографијата на кандидатот е наведено дека тој е новинар со долгогодишно работно искуство и се школувал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.