Со поставување на вертикалниот и хоризонталниот сигнализациски систем, изминатиов месец се изврши ремаркирање на патеката наречена High Scardus Trail на Шар Планина, во делот на македонската страна од планината, информираат од Националниот парк Шар Планина. Уредувањето на патека е е направено во соработка со планинарското друштво Љуботен од Тетово.
Хоризонталната сигнализација на патеката претставува маркацијата односно одбележувањето на патеката со помош на црвена и бела боја на дрвјата, карпи и камења. Поставени се и нови патокази на метални столбови како вертикална сигнализација.
-Патеката започнува од најсеверниот дел на Шара, Љуботен, од каде поминува на косовската страна на Шара, па во делот на селото Вејце повторно се враќа во македонскиот дел на планината. Од тука поминувајќи над селата Вешала и Бозовце се до Лешница каде што патеката преку Џинибег, преминува на Косовската страна во селото Брод, велат од Националниот парк.
Патеката е транснационална рамна патека за пешачење на долги растојанија и ги поврзува граничните региони на Албанија, Косово и Северна Македонија.
– Името потекнува од латинското име за Шар Планина – Scardus или Шарена планина. Овој туристички продукт е најзначајниот туристички пакет од областа на планинскиот туризам кој постои во Македонија, посочуваат од Националниот парк Шар Планина.
Патеката поминува низ шест национални паркови и поврзува пет планински масиви, сите со висина над 2000 метри надморска височина. Се состои од 16 главни делови или таканаречени главни патеки во должина од 289 километри, и 18 споредни патеки со вкупна должина од 206 километри, сместени во високо-планинските зони на пограничниот регион на трите земји. Должината на патеките во државава е 229,5 километри.