Во Собранието, по речиси тринеделна дебата, вчера беа изгласани измени и дополнувања на пет закони поврзани со изградбата на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, со кои, според Владата, ќе се овозможи поефикасна и поевтина реализација на Договорот со проектантот и изведувачот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Владата тврди дека со законските измени ќе се олесни реализацијата на сите идни стратешки инфраструктурни градби, а како аргумент ја наведува и потребата од заокружување на Коридорот 8 откако неодамна беше впишан во мапата на европски коридори.
За законските измени не гласаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои изминатиот период упатија критики за законите и нивното означување со европско знамнце и постојано бараа увид во Договорот, тврдејќи дека необјавувањето на неговата содржина остава простор за корупција.
Дебатата за овие законски измени означени со европско знаменце од страна Владата заврши завчера, а вчера само се гласаше, во тек на пауза од седницата за пратенички прашања.
Во пресрет на гласањето Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека неговата пратеничка група нема да гласа за законите и најави дека во иднина ќе бидат преиспитани постапките за нивното носење.
-Ќе гласаме против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д за да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада е покриен и целосно исполнет со основни сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализиран, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија, рече Мицевски.
За законите за коридорите и Договорот со „Бехтел и Енка“ се дебатираше и на седницата за пратенички прашања, на која премиерот Димитар Ковачевски порача дека најдобриот одговор на ВМРО-ДПМНЕ за коридорите дојде од Американската амбасада, од каде недоамна порачаа дека процесот во кој е инволвиран „Бехтел“ е целосно транспарентен и законски.
-Најдобрата потврда за тоа дека изградбата на коридорите е инфраструктурен проект правен согласно со закон, со сите процедури запазени со Специјален закон донесен овде во Собранието без ниту еден глас, дојде од тие кои што ги повикувавте да одговорат, односно од Американската амбасада. Сите оние лаги, хистерии што се прават во медиумите, целото тоа кочење кое што се обидувате да го правите за жал не даде никаков резултат освен што фрла дамка врз најголемиот светски конзорциум кој што не само што има изградено во регионот најголеми патишта, туку и пошироко од регионот, рече Ковачевски.
Според премиерот, доизградбата на коридорите е стратешки проект од национален интерес, што ќе овозможи модерно поврзување и со пристаништата во Драч и во Бургас, со него ќе има огромни придобивки за македонската економија, ќе се отворат 8.000 работни места, а планираната инвестиција од 1.3 милијарди евра ќе повлече номинален раст на БДП од најмалку 2 проценти на годишно ниво во наредните 5 години. Со законските измени и новиот систем на градба, како што пососчи, ќе се избегнат случаи на нефункционалност, која се случуваше со изградбата на автопатот Кичево – Охрид.
Владата на 5 мај усвои предлог измени и дополнувања на пет закони поврзани со изградбата на коридорите и ги означи со европско знаменце, откако претходно опозициските пратеници ги блокираа законските измени што до Собранието ги предложи група пратеници од власта.
Најмногу реакции во дебатата во Комисијата за европски прашања, како и на пленарната седница, предизвикаа измените на Законот за работни односи. Со нив се донесе одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога станува збор за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
-Поради природата на работите и задачите што се вршат во работите од национален интерес на Република Северна Македонија, има потреба тие да може да се спроведуваат и во недела. Работниците се заштитени со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Исто така, работниците имаат право на дневен и неделен одмор, образложија од Владата.
За синдикатите, пак, законските измени се директен напад врз работничките права и животи бидејќи сметаат дека со нив ќе се воведе 72 часовна работна недела.
Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот за градежништво и вчера, пред гласањето на законските измени, апелираа да не се усвојат бидејќи, како што соопштија, со нив се планира да се воведе 72 часовното неделно работно време и на тој начин во македонската историја да биде испишан црн петок на кој се погази човечкото и работничкото достоинство и покрај укажувањата на сите релевантни чинители во општеството, меѓународни организации и синдикати, Европската комисија како и граѓаните и синдикатите во државава.
Реагираа и од Здружението „Гласен текстилец, истакнувајќи дека законските измени се пораз за работници и за сите синдикати и уште еден пример на злоупотреба на европското знаменце и кршење на конвенциите на Меѓународната организација на трудот.
Во пишана реакција, од „Гласен текстилец“ наведоа дека очекуваат претседателот на државата да не ги потпише законите.
-Ова е само еден грозен почеток на злоупотреба на работничките права, со наводно стратешки проект и дозвола за прекувремена незаконска работа, кој почеток понатаму ќе се користи и за останати дејности да бидат квалификувани како стратешки дејности, проекти, интереси, под влијание на разни структури, крупниот капитал, олигарсите, стои во реакцијата од претседателката на „Гласен текстилец“ Кристина Ампева.
Дел од пакетот законски измени и дополнувања се однесуваат на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола). Со него, според образложението на Владата се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги којшто е извршен кон инвеститорот од страна на стратешкиот партнер, како и прометот кон инвеститор за цели на проектот од овој закон.
Измените и дополнувањата на Законот за експропријација, пак, треба да овозможат поефикасна примена на Законот за експропријација за реализација на градби од стратешки интерес за државата, а измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, предвидуваат да се воведе нов тип на урбанистички проект за градби од стратешки интерес и се уредува изработката, постапката на донесување и спроведувањето на тој урбанистички проект.
Како посебен вид на градби, односно како градби од стратешки интерес се: државни патишта како градби чијашто изградба е предвидена со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола), како и на железнички пруги и магистрални гасоводи, енергетски градби како и други инфраструктурни градби – утврдени како градби од јавен интерес. Изградбата на градбите од стратешки интерес е предвидено да се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен согласно Законот за урбанистичко планирање.
Владата веќе реализираше настани за означување на почетокот на активностите на Коридорот 8 и Коридорот 10д согласно Договорот со „Бехтел и Енка“, што стапи во сила на 22-минатиот месец.
За Договорот со „Бехтел и Енка“ се отворени предмети во Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство, по објавите во однос на изборот на фирмите за надзор.
Со Програмата за финансирање на делниците на коридорите за годинава се предвидени 243 милиони евра, а 117 милиони евра веќе се префрлени на Јавното претпријатие за државни патишта преку кое ќе се врши исплатата кон „Бехтел и Енка“ и на терен се вршат подготвителни активности за предвидените проектирања и изградби.