Изет Меџити ја потврди кандидатурата за општина Чаир: Секогаш сум бил победник

Првиот вицепремиер на Владата на Северна Македонија, Изет Меџити, во интервју за „Еуроњуз Албанија“ потврди дека ќе биде кандидат за градоначалник на општина Чаир од коалицијата ВЛЕН.

Тој рече дека секој пат кога се натпреварувал во Чаир, излегувал како победник, додека на овие избори чека потврда за победата на ВЛЕН.

„Да, ќе се кандидирам, ќе бидам кандидат за градоначалник на Општина Чаир. Јас сум првиот градоначалник на Чаир кој е на функцијата 13 години. Речиси една година сум прв вицепремиер, но проценките и анализите на коалицијата ВЛЕН нè доведоа до заклучок дека треба повторно да се кандидирам за Општина Чаир“, рече Меџити.

Тој додаде дека трката ќе биде отворена, но е уверен во победата на коалицијата ВЛЕН.

„Трка си е трка. Не сакам да бидам премногу сигурен, но секој пат кога сум се кандидирал за Чаир сум излегол како победник, а овојпат победникот ќе биде од ВЛЕН, рече Меџити.

Инаку, Изет Меџити на локалните избори за Чаир ќе се соочи со Бујар Османи од ДУИ, кој пред неколку дена ја потврди и својата кандидатура за градоначалник на оваа општина.