Според делумните податоци на Државната изборна комисија за излезноста до 9 часот помалку граѓани зеле гласачки ливчиња за вториот круг од претседателските избори отколку за парламентарните.
Излезеноста за вториот круг претседателски избори до 9 часот е 4,43 отсто, согласно податоците од 96 отсто од избирачките места. Најголема е излезеноста во Пробиштип, 9,12, а најмала во Боговиње, 0,57 отсто. За парламентарните избори, пак, излезеноста е 4,67 отсто, според податоците од 97 проценти од избирачките места. Излезеноста е најголема во Третата изборна единица – 6,42, а најмала во Шестата изборна единица, 2,63 отсто.
На првата прес-конференција по почетокот на денешното гласање, претседателот на ДИК, Александар Даштевски информира дека сите избирачки места се отворени, а на неколку има технички проблеми кои тековно се решаваат. Добиени се и 15 приговори за избирачко право од кои само три се одбиени.
„Споредбено со вториот круг претседателски избори од 2019 година излезеноста е намалена за 1,99 отсто. Во однос на парламентарните избори во 2020 година исто така има намалување, за 0,74 отсто“, рече Даштевски.
Според него, гласањето на местата каде има технички проблеми ќе продолжи со УВ лампа и спреј, а ако се отстранат недостатоците, ќе продолжи со техничката опрема. Тие места се 0838/1 во Кочани, 1252 во Охрид, 1100 во Куманово, 1977 во Тетово, 2225 во Тетово и 2544 во Гази Баба.
На новинарско прашање дали можеби има евентуален бојкот на претседателските избори, претседателот на ДИК истакна дека од тоа што може да се види, нема.
„Иста е излезноста и на едните и на другите, не знам како гласале, дали се поништени, но процентот е тој. Сите што гласале за едните, гласале и за другите, ист е процентот“, нагласи Даштевски.