Македонскиот шампион, конечно, го оствари долгоочекуваниот „голем“ резултат во АБА лигата и ја приреди првата сензација во ова натпреварување сезонава.
По девет порази во низа, МЗТ Скопје ја победи Олимпија со 74-66, апсолутно заслужено бидејќи водеше безмалку 39 минути.
На МЗТ му се врати сето она што го испушти на претходните натпревари, особено на оние во кои беше во поволна позиција за победа. За разлика од некои претходни дуели, сега екипата беше комплетна, па Николиќ можеше да го извади максимумот од сите. Желбата за победа можеше да се забележи уште на почетокот бидејќи МЗТ го отвори натпреварот со 5-0, потоа имаше 8-2 и 14-9, но Олимпија одговори на тоа, пред крајот на четвртина поведе со 17-15 и по десет минути игра имаше 21-19.
Тоа беше единствениот период кога Словенците водеа го почна вториот квартал со 11-0 за предност од 30-21, а заедно со следната серија, во период од шест минути направи 18-2 и на средина од четвртината водеше со 37-23. Олимпија се обиде да врати, со неколку цврсти одбрани дојде на 35-40, но на полувреме МЗТ замина со 41-35.
Оттогаш до крајот гостите постојано му беа зад петите на нашиот тим, но во ниеден момент не ја наметнаа својата игра. Кога и да се доближеа, следуваше серија на МЗТ Скопје за одлепување на пристојна разлика. Така беше на 50 секунди пред крајот на третиот период кога Олимпија израмни на 52-52, но Војдан постигна тројка и Кук едно слободно фрлање и тројка за +7 по 31 минута игра.
Олимпија израмни и на 3:30 пред крајот (64-64), но во финишот, во херој се промовира Мајк Кафи иако малку фалеше тој да биде трагичар поради претходните загубени топки. Прво постигна кош за +2 на МЗТ, а при 67-66, реализира и тројка со која го однесе својот тим на предност од четири разлика. Во следните два напада, му асистираше на Абу и погоди два „пенала“ со кои МЗТ отиде на недостижни 74-66 кои се покажаа доволни за триумф.
Навивачите на МЗТ Скопје го дочекаа одличниот Киандре Кук кој се повреди на своето деби против Партизан и се врати дури вечерва. На првиот цел натпревар што го одигра, неодамнешното засилување постигна 26 поени со 5 скока и дури 12 изнудени лични грешки за индекс 31. Одличен беше и Војдан Стојановски со 18 поени и Кафи со 14 од кои најголем дел во последната четвртина.
Победата против Олимпија го става МЗТ Скопје во многу поповолна позиција пред завршните осум кола од АБА лигата и пред гостувањето кај Морнар идната недела по што претстои тринеделна пауза.