Израелската армија утринава уби најмалку 37 Палестинци во серијата воздушни напади насочени кон чуварите кои ги придружуваа камионите со хуманитарна помош, како и кон домовите во кои се засолнуваат раселените луѓе во Појасот Газа разурнат од војна, јавува Анадолу.
За Анадолу медицински извор изјави дека 15 Палестинци се убиени, а 30 се повредени во два израелски воздушни напада, чија цел биле чуварите што ги придружувале камионите со помош во западните области Рафа и Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Израел за време на 14-месечната војна против Газа беше меѓународно осуден и за строгото ограничување на помошта за Појасот Газа, оставањето милиони луѓе во енклавата на раб на глад и за целење кон луѓето што дистрибуираат и примаат хуманитарна помош.
Во централниот дел на Појасот Газа убиени се уште 15 Палестинци во израелскиот воздушен напад врз објектот во кој се засолниле луѓето од семејството Хабаш, во западниот бегалски камп Нусејрат, изјави медицински извор за Анадолу.
Друг медицински извор, исто така, за Анадолу изјави дека седуммина Палестинци загинале, а има и повредени, меѓу кои и деца, во израелскиот воздушен напад врз зграда во градот Газа.
Во октомври 2023 година Израел започна геноцидна војна во Појасот Газа во која досега загинаа повеќе од 44.800 луѓе, главно жени и деца.
Меѓународниот кривичен суд на 21 ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против Газа.