– Израелската војска уби околу 8.800 деца и 6.300 жени од почетокот на офанзивата во Појасот Газа, објави вчера Канцеларијата за медиуми во Газa.
Како што се наведува во соопштението, бројот на убиени Палестинци донесени во болниците во Појасот Газа од почетокот на војната изнесува 21.110.
„Во текот на 82 дена на оваа геноцидна војна, израелската војска изврши 1.779 масакри“, се додава во соопштението.
– Израелските напади врз Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 7:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември, по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 21.110 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 55.243 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава. Околу 2 милиони луѓе се раселени во густо населената палестинска енклава поради недостатокот на храна и чиста вода.
Во заробеништво сѐ уште се наоѓаат 130 Израелци. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.