– Говорејќи за она што се случи во Израел на 7 октомври, уште еден сведок откри дека во таа прилика израелските тенкови пукале и врз членовите на Хамас и врз израелските граѓани, предизвикувајќи смрт на најмалку 14 израелски заложници во една куќа, меѓу кои имало и деца.
Во вестите објавени во израелските медиуми на 19 ноември се наведува дека 14 лица, меѓу кои и 12-годишното девојче по име Лиел Хецрони, биле убиени во нападот на Хамас на кибуц во регионот Бери на 7 октомври.
Оваа тема доби широка покриеност во израелските медиуми кои ја објавија под насловот „Бруталноста на Хамас“.
– Изјавите на сведоците се во спротивност со тврдењата на Израел
Меѓутоа, Јасмин Порат, која била заложник во куќата во која се наоѓале и сестрите близначки Лиел и Јанаи Хецрони, на 15 ноември изјави дека причина за смртта е пожарот од израелските тенкови, а потоа се огласи и Хадас Даган, сопственикот на куќата во која биле заложниците.
Во интервју за израелскиот „Канал 12“, Даган потврди дека израелската Армија ја нападнала куќата во која Хамас држел израелски цивили, со тенковски оган и тешко оружје.
Наведувајќи дека 14 лица во куќата, меѓу кои и неговата сопруга, го загубиле животот, Даган рече дека во моментот кога израелските војници пристигнале пред нивната куќа, сфатил дека овие цивили имаат улога на жив ѕид меѓу израелските сили и Хамас.
– Никогаш нема да ги заборавам криците на близначките
Опишувајќи го моментот на смртта на сестрите Хецрони, Даган не можеше да ги сокрие солзите.
„Никогаш нема да ги заборавам врисоците на овие деца и како тие викаа за помош“, рече тој.
Тој изјави дека тој и неговата сопруга молчеле кога израелските војници почнале да ја напаѓаат куќата со тешко оружје, а потоа сфатиле дека нивните соседи се мртви.
„Одеднаш сопругата Ади ми кажа дека Зе’ев повеќе не е со нас. Погледнав преку моето рамо и ѝ реков дека ни Песи повеќе не е со нас“, изјави Даган.
Даган изјави дека тогаш дошло до голема експлозија и дека веќе не можел да ги помести нозете, ниту да ја прегрне сопругата.
„Тогаш и кажав колку ја сакам. Тогаш знаев дека надвор има тенк. Потоа следуваше втората експлозија. Сфатив дека сум ранет. Видов како крв се слева по мене. Ја свртев главата и видов дупка во артеријата на Адија. Го притиснав палецот на артеријата за да го прекинам крварењето. Што друго можев да направам? Потоа за момент забележав дека повеќе не се движи. Тогаш сфатив дека веќе сум во локва крв и дека нема смисла да притискам со прстот“, изјави Даган.
– Израелските безбедносни сили знаеле дека во куќата има цивили
И Порат, која беше сведок исто така, претходно во интервјуто рече дека куќата во која била со членовите на Хамас била опколена од израелските безбедносни сили, дека имало конфликт меѓу страните и дека по извесно време еден член на Хамас решил да се предаде и ја зел со себе од куќата.
Изјавувајќи дека израелските безбедносни сили ја испрашувале неа и еден член на Хамас, Порат рече дека за време на нејзиното тричасовно испрашување, таа им кажала на израелските службеници колку цивили имало во куќата, каде биле чувани цивилите во куќата и техничките детали што ги памети од куќата.
Порат рече дека конфликтот продолжил за време на сослушувањето и дека по околу четири часа вкрстен оган меѓу израелската војска и Хамас, пред куќата околу 19:30 часот по локално време пристигнал тенк.
„Знам дека од тенкот се испукани два проектила“, рече Порат, што доведува до истиот заклучок како она што го рече и сведокот Хадас Даган.
– Изјава на израелски пилот
Израелскиот воен пилот, потполковник Ноф Ерез, рече дека за време на нападот на Хамас на 7 октомври, било разбрано дека војската го имплементирала „Протоколот Ханибал“, кој вклучува убивање затвореници, за да спречи израелските цивили да бидат однесени во Газа како затвореници.
„Се чини дека протоколот Ханибал бил имплементиран во одреден момент, бидејќи кога ќе откриете ситуација со заложници, тоа е Ханибал, но Ханибал што го практикувавме последните 20 години беше едно возило со заложници во него. Она што го гледаме овде е масивен Ханибал. Имаше многу отвори во оградите, имаше илјадници луѓе во многу различни возила, со и без заложници“, изјави Ерез за весникот „Хаарец“.
– Веста на „Хаарец“ за хеликоптерите
Весникот „Хаарец“ на 19 ноември објави информација за безбедносната проценка на израелските безбедносни службеници во врска со нападот на Хамас од Газа на 7 октомври.
Во оценката на високи израелски безбедносни функционери, а врз основа на записникот од сослушувањето на членовите на Хамас и полициската истрага за инцидентот, беше наведено дека Хамас немал претходни сознанија за музичкиот фестивал што се одржува во близина на Појасот Газа.
Во веста се наведува дека полициската истрага открила дека повеќето од посетителите на фестивалот успеале да побегнат бидејќи било одлучено да се прекине забавата половина час пред да биде испукан првиот истрел.
Се наведува и дека истрагата открила и дека израелски воен хеликоптер пукал во цивилите додека отворал оган врз припадниците на Хамас.
„Според полициски извор, истрагата покажува и дека хеликоптерот на израелската Армија, кој пристигнал на местото на настанот, очигледно отворил оган врз терористите таму и пукал и врз некои учесници на фестивалот. Според информациите на полицијата, на фестивалот загинале 364 лица.
– Вести на „Једиот ахронот“
И израелскиот весник „Једиот ахронот“ објави вест за моментите кога во нападот на Хамас од Газа на 7 октомври интервенирале хеликоптери на израелското воздухопловство.
„На терористите на Хамас им беше наложено полека да се вклопат во толпата и да не се движат под никакви околности. Така тие се обидоа да ги измамат воздухопловните сили да поверуваат дека сите Израелци се таму. Оваа измама делуваше некое време бидејќи на пилотите на хеликоптерите Апачи им беше тешко да распознаат кој е терорист, а кој Израелец. Кога го сфатиле тоа, околу 9:00 часот, некои од нив решиле да пукаат самостојно, без да добијат дозвола од претпоставените“, се наведува во веста на таа израелска медиумска куќа.
– Израелската полиција ги обвини националните медиуми за неодговорност
Вчера, израелската полиција ги предупреди тамошните национални медиуми дека можеби биле убиени израелски цивили додека израелските воени хеликоптери интервенирале при нападот што го изврши Хамас од Газа на 7 октомври.
„Особено во овој период ги повикуваме медиумите да покажат одговорност во известувањето и вестите да ги базираат само на официјални извори“, се вели во соопштението на полицијата.
– Израел ги цензурира вестите од Газа
Во писмо до медиумите на 26 октомври, Единицата за воена цензура на Дирекцијата за воено разузнавање на израелската Армија воведе различни забрани за вести за Газа и побара сите вести и визуелни снимки за војната и активностите на Армијата да се проверат пред објавувањето.
На снимката што ја емитуваше израелската телевизија „Канал 12“ на 11 ноември, за време на преносот од болницата Барзилај во градот Аскалан, израелски репортер изјави дека не може да даде информации за состојбата на донесените војници поради цензурата воведена по 7 октомври.
„Мораме да кажеме дека сите информации што ви ги пренесуваме пред болницата Барзилај се цензурирани од израелската Армија. Можеме да кажеме дека ранетите војници се донесени овде, но не смееме да зборуваме за нив додека не се добие дозвола“, рече репортерот во таа прилика.