Тројца сина и двајца внуци на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије се убиени денеска во израелски воздушен напад во Појасот Газа, соопшти милитантната група и неговото семејство.
Тројцата сина – Хазем, Амир и Мохамад, загинаа во бомбардирањето на возилото со кое патувале во кампот Ал Шати. Двајца од внуците на Ханије, исто така, се убиени, а третиот е повреден, јавуваат медиумите на Хамас.
„Нашите барања се јасни и конкретни и нема да правиме отстапки. Непријателот е во заблуда ако мисли дека нападите врз моите синови, за време на екот на преговорите и пред движењето да ги испрати своите одговори, ќе го принудат Хамас да ја промени својата позиција“, изјави Ханије за Ал Џезира, додавајќи дека неговите синови „станале маченици на на патот кон ослободувањето на Ерусалим и џамијата Ал Акса“.
„Не ја претпочитам крвта на моите синови отколку крвта на нашиот народ“
„Не ја претпочитам крвта на моите синови пред крвта на нашиот народ“, додаде лидерот на Хамас, кој престојува во Катар.
Милитантната група вчера објави дека го проучува израелскиот предлог за прекин на огнот, но дека тоа не исполнува ниту едно од барањата на Палестинците.
Хамас бара прекин на воените операции на Израел, целосно повлекување на неговата војска од енклавата и враќање на бегалците. Ханије стана лидер на Хамас во 2017 година, а оттогаш живее меѓу Турција и катарската престолнина Доха.
Што направи Хамас?
Да потсетиме, Хамас пред половина година го нападна Израел и уби околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираше околу 200 цивили и ги одведе во Газа. Убиените израелски цивили често биле мачени пред нивната смрт, а има веродостојни извештаи дека терористите на Хамас силувале и сексуално нападнале голем број израелски жени за време на нападот.
Израел го смета целото раководство на Хамас за терористи, но не е познато колку самиот Ханије знаел за плановите за напад на 7 октомври, пишува Ројтерс.
Оваа операција беше смислена од воениот совет на Хамас во Газа во тајност, поради што некои од лидерите на Хамас во странство беа шокирани од моментот на нејзината егзекуција и нејзиниот опсег.