Израел истражува алтернативни патишта за набавка на оружје за да продолжи со својата тековна офанзива во Појасот Газа, објави израелскиот јавен сервис во услови на тензии со Соединетите Американски Држави (САД) околу започнувањето на воената операција во градот Рафах во јужниот дел на Газа.
Медиумот не ги прецизираше алтернативните маршрути што Израел ќе ги искористи за да го добие потребното оружје.
Сепак, цитираше неименуван безбедносен претставник дека тензиите со САД во врска со операцијата во Рафах и хуманитарната криза во Појасот Газа ќе имаат влијание врз подготвеноста на Вашингтон да продолжи да му помага на Израел со исто темпо.
САД, најголемиот поддржувач на Израел, неодамна излегоа со различен став од Тел Авив околу опасноста од започнувањето воена операција во густо населениот палестински град Рафах.
Во врска со тоа, израелскиот медиум објави дека некои земји веќе го прекинале снабдувањето со муниција за Израел како дел од својата политика на „тивок бојкот“.
На 20 март Канада објави забрана за продажба на оружје на Израел.
И покрај меѓународниот гнев поради страшната ситуација во палестинската енклава, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху долго време ја искажува својата намера да го нападне Рафах, најјужното гратче во Газа и едно од последните места поштедени од копнена инвазија.
Израел започна воена офанзива во Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас.
Во израелските напади што започнаа оттогаш загинати се над 32.200 Палестинци, а над 74.500 се повредени.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за гарантирање хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.